Andjelija Stojkovic
15 Декември 2018•Ажурирај: 16 Декември 2018
БЕЛГРАД (AA) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оцени дека по многу години закани, на „илегален, противправен начин“, официјално е формирана Војската на Косово и рече дека зад тоа стојат САД, Велика Британија и Германија, а дека Србија ќе бара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации по тој повод, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој рече дека Војската на Косово е формирана спротивно на меѓународното право и Уставот на Косово, и додаде дека и „нивните спонзори покажаа дека не им е до правда, туку до спроведување на сила и напади над Србите“, и напади кон Србија, и дека со формирањето на Војската е загрозен мирот и безбедноста во целиот регион.
Вучиќ рече дека во Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) 1244, се наведува дека меѓународните воени сили имаат обврска за демилитаризација на Ослободителната војска на Косово и другите вооружени групи на косовските Албанци, и дека Уставот на Косово во членот 126 вели дека за потребата на трансформацијата на Безбедносните сили на Косово е потребно да се измени тој член, кој не е изменет.
„Врз основа на кој акт Албанците донеле одлука за формирање војска на Косово? Барам од Велика Британија, Приштина, САД и Германија да ни кажат еден акт, една точка, врз основа на кој се дрзнаа да го погазат меѓународното право“, рече Вучиќ.
Тој рече дека Србија ќе знае да ги заштити Србите на Косово, ако дојде до злоупотреба од Војската на Косово и влегување во српските средини, без дозвола на српскиот народ, а во спротивност на Договорот на Србија и НАТО.
Вучиќ рече дека Србија бара итна седница на Советот за безбедност на ОН и дека тој е спремен лично да учествува на таа конференција, а дека верува дека големите сили на Србија ќе ѝ дадат шанса да го изнесе својот став.
Тој рече дека Србија ќе следи што се случува во Косово и ќе чека Приштина да ги укине таксите.
„Повеќе не ве интересира какви мерки ќе се воведат, тие сите заедно не разбираат дека го преминале прагот, сега сето тоа ќе мора да го вратат во претходна состојба, а Србија, како и секогаш, ќе биде спремна да разговара“, рече Вучиќ.