Hajer M'tırı
08 Декември 2017•Ажурирај: 09 Декември 2017
ПАРИЗ (AA) – Преместувањето на амбасадата на Соединетите Американски Држави од Тел Авив во Ерусалим веројатно нема да се случи во наредните две години, изјави денеска Рек Тилерсон, американскиот државен секретар, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Тоа не е нешто што ќе се случи оваа година или веројатно не дури ниту во наредната година, но претседателот Доналд Трамп сака да тргнеме напред многу конкретно и решително“, рече Тилерсон на конференцијата за новинари во Париз, на која говореше заедно со францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан.
И покрај спротивставувањето на голем број земји, Трамп во средата ја соопшти одлуката дека го признава Ерусалим како главен град на Израел и додаде дека се започнати подготовките за преместување на амбасадата на САД во Ерусалим.
Тилерсон истакна дека соопштувањето на одлуката на Трамп „не прејудицира конечен статус“ на Ерусалим, ниту ги утврдува границите на градот кои ќе бидат предмет на договор во преговорите меѓу Израелците и Палестинците.
Драматичната промена во политиката на САД доведе до демонстрации во палестинските територии под израелска окупација, како и во Турција, Египет, Јордан, Тунис, Алжир, Ирак и во многу други исламски држави.
Ерусалим останува во центарот на израелско-палестинскиот спор, а Палестинците се надеваат дека источен Ерусалим, кој моментално е под окупација на Израел, ќе биде главен град на идната палестинска држава.