Zülfiya Yakup
13 Јануари 2017•Ажурирај: 14 Јануари 2017
ПРИШТИНА (AA) - Косово и Австрија се стратешки партнери и ќе продолжат со јакнењето на тоа парнтерство во сите области, посебно во областа на редот и законот, кажано е во текот на состанокот во Приштина на министрите за внатрешни работи на Косово Скендер Хисени и министерот за внатрешни работи на Австрија Волфганг Соботка, јавува Anadolu Agency (AA).
Хисени истакна дека е охрабрувачка поддршката на Австрија за зачленување на Косово во Интерпол, посебно кога се имаат во предвид проблемите со српските потерници против косовските граѓани, како што е последниот случај со Рамуш Харадинај, поранешниот косовски премиер.
„Оваа пракса мора да се прекине бидејќи додека велиме дека дијалогот со Србија нема алтернатива и треба да продолжи, тој дијалог и било каквите напори кон нормализација можат да бидат непоправливо оштетени со арбитрарно делување на Република Србија на штета на граѓаните на Косово, а посебно кон големите фигури на оваа земја, како што е Харадинај",порача Хисени.
Според неговите зборови, потерниците од Срвија се неприфатливи, тие се на политичка основа и како такви треба да бидат отфрлени во секоја земја членка на Интерпол.
„На граѓаните на Косово, фигурите на ОВК, за кои постоеле обвиненија за воени злосторства судено им е пред Меѓународен суд за злосторства во поранешна Југославија и таму тие обвиненија се исцрпени. Затоа е апсурдно со тие обвиненија да се манипулира со Интерпол за политички цели на Белград", рече Хисени.
Истовремено, министерот за внатрешни работи на Австрија, Волфганг Соботка соработката со косовската полиција ја оцени како одлична, а посебно го истакна значењето на соработката во борбата против меѓународниот тероризам, бидејќи секоја земја може да биде мета на терористичките напади.
„Доколку се присетиме на минатите недели имавме десет такви напади во Германија, Турција, Израел и Америка, значи тие терористички напади се можи насекаде и затоа мораме да бидеме подготвени да ги спречиме. Во тоа е многу важна размената на информациите", рече Соботка.
Одговарајќи на новинарско прашање дали Австрија ќе ги земе в предвид српските потерници доколку косовските личности од потерниците влезат во Австрија, Соботка рече дека политичкото делување може да ги олесни и судските одлуки.
„Во врска со зачленувањето на Косово во Интерпол, јасно го поддржуваме барањето на Косово за зачленување во Интерпол затоа што сите држави на Балканот треба да бидат членки на Интерпол. Не е прашање на политичарите да се мешаат во досие на обвиненителствата или досие на правосудството, но со делувањата кои ги презема политиката сметам дека би била олеснета нивната работа и би било полесно да се донесуваат судски одлуки", рече Соботка.