Besar Ademi
19 Ноември 2015•Ажурирај: 22 Ноември 2015
СКОПЈЕ (АА) - Денеска официјално почна Македонскиот економски самит, јавува Anadolu Agency (AA).
Над 250 извршни директори, менаџери, инвеститори и претприемачи учествуваат на дводневната конференција, во организација на „Македонија 2025“ . Самитот претставува еден од најзначајните бизнис-настани во земјава, на кој ќе учествуваат околу 40 говорници од над 20 земји, кои ќе дискутираат на теми како што се технологијата, бизнисот и лидерството.
Настанот се одржува по третпат во Македонија и има за цел да ја поттикне и напредне дискусијата за економскиот развој, да ги претстави динамичните сектори и предностите на земјата.
Организаторот смета дека оваа година е многу важна за економскиот развој на земјата. Во изминатите неколку години дојдоа повеќе странски инвестиции, а во домашната економија се почувствува нова динамика.
Организаторите велат дека "на ред е да се консолидираат домашните компании, односно да се поттикнат нови, понапредни и подинамични компании што ќе бидат проактивни во извозот на производи и услуги".
Самитот, велат од „Македонија 2025“, е силен бран што го продолжува континуитетот преку замислување како би изгледал натамошниот економски развој за нашата земја. На самитот ќе учествуваат влијателни луѓе што се активно инволвирани во трансформативни процеси низ светот.
На самитот ќе има 8 панел-дискусии, неколку интерактивни настани за запознавање и поврзување и ден за спортски активности.
"Самитот е прекрасна можност да видиме што прават најдобите во светот и да научиме од нив" , изјави Мајк Зафировски, еден од основачите на „Македонија2025“ .