политика

Претседателски избори во Северна Македонија: До 15:00 часот, излезност 28,89 отсто

Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, на одржаната прес-конференција рече дека на околу 75 отсто обработени гласачки места, до 15:00 часот излегле да гласаат 396.252 избирачи

Admir Fazlagic  | 21.04.2019 - Обновена : 21.04.2019
Претседателски избори во Северна Македонија: До 15:00 часот, излезност 28,89 отсто

СКОПЈЕ (АА) - Излезноста на првиот круг од претседателските избори во Северна Македонија изнесува 28,89 отсто, соопштија од Државната изборна комисија (ДИК), јавува Anadolu Agency (AA).

Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, на одржаната прес-конференција рече дека на околу 75 отсто обработени гласачки места, до 15:00 часот излегле да гласаат 396.252 избирачи.

„Од вкупниот број избирачи во избирачкиот список - 1.808.131 гласач, обработени се 2,722 избирачки места или 77,51 процент, и од тие обработени места, вкупниот број избирачи кои гласале е 396.252 или во проценти - 28,89 посто“, рече Дерковски.

Најголема излезност има во Прилеп - 43,85 отсто, a најмала во Липково - 9,75 отсто.

Кандидати за претседател на Северна Македонија се Стево Пендаровски, поддржан од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и владејачката коалиција, Гордана Силјановска-Давкова, поддржана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и Блерим Река, поддржан од опозициските политички партии од албанскиот блок, Алијансата на Албанците и Движењето Беса. Сите тројца се универзитетски професори.

Покрај за претседател, денеска во општините Охрид, Ново Село и Дебар се гласа и за избор на нов градоначалник.

Гласачките места се отворени до 19:00 часот, а право на глас имаат 1.808.131 избирач.

Според македонските закони, кандидатот за претседател може да победи во првиот круг, доколку освои над 50% од гласовите на сите регистрирани гласачи во избирачкиот список. Во спротивен случај, ќе се одржи втор круг во кој ќе се натпреваруваат двајцата првопласирани кандидати од првиот круг. Излезноста на изборите треба да изнесува минимум 40% од вкупниот број регистрирани гласачи, за гласањето да се смета за важечко.

Според Уставот, претседателскиот кандидат треба да има над 40 години и да биде жител на државата најмалку 10 од последните 15 години. Еден мандат на претседателот трае 5 години.

Вториот круг од изборите е закажан за две недели, на 5 мај.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.