Hilmi Sever
10 Мај 2018•Ажурирај: 11 Мај 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - ХИЛМИ СЕВЕР - Оваа година на 3. Фестивал на етноспортови и култура во организација на светската Конфедерација на етноспортови, чиј глобален партнер за комуникации е Anadolu Agency (AA), за првпат посетителите ќе имаат можност да ја видат трката на јастреби, еден од најзначајните спортови во Катар, јавува Anadolu Agency (AA).
На плоштадот Јеникапи во Истанбул, каде што се одвива фестивалот, голем интерес преизвика шаторот на Катар со своите два јастреба. Посетителите на шаторот, покрај можноста да ги пробаат катарскиот чај и кафе, направија голем број фотографии со јастребите.
Катарските јастреби се натпреваруваат во различни категории, а посетителите на фестивалот ќе имаат можност да ја видат трката на јастреби на 400 и 800 метри. Добар јастреб растојанието од 400 метри го минува за околу 20 секунди. Јастребите со месеци минуваат напорни тренинзи, подготвувајќи се за трките.
Претседателот на раководниот одбор на Заединцата „Алганас“, Али бин Мухамед ал-Мехшаде, за АА изјави дека јастребите за Катарците не се само еден спортски елемент, туку значаен дел од културата на Катар.
Мухамед ал-Мехшаде рече дека во Турција пристигнале на покана на Билал Ердоган, претседателот на Конфедерацијата на етноспортови, и продолжи со зборовите:
„Ви носиме поздрави од катарскиот емир и народ. Многу сме среќни и возбудени од нашето учество на овој фестивал. Имаме можност да се запознаеме и со различните традиционални спортови на другите земји. На фестивалот ја претставуваме катарската заединца „Алганас“. Првиот ден на фестивалот го минавме во придружба на почитуваниот Билал Ердоган. Беше исклучително напорен ден, но воедно и многу убав. Видовме дека фестивалот што се организира во Турција е многу голем. Посетителите покажаа голем интерес за јастребите. Драго ни е што сме дел од овој фестивал и посакуваме секогаш да бидеме дел од него“.
„Јастребите се симбол на Катар“
Мухамед ал-Мехшаде истакна дека трката на јастреби е многу стар дел од катарската култура.
„Јастребите се многу важен дел од нашата култура. Катарскиот народ, на чело со катарската држава, му придаваат многу големо значење на овој спорт. Околу 70 отсто од народот во Катар се занимава со овој спорт и покажува интерес за него. Спортот со јастреби е историски спорт за катарскиот народ. Јастребот е симбол на Катар. Постојано организираме фестивали, натпревари, доделувајќи големи награди“, истакна Мухамед ал-Мехшаде.
Тој нагласи дека постои голема разлика во цената на јастребите. „Некои јастреби се навистина многу скапи. Белите се најскапи и најдрагоцени, бидејќи имаат најдобри ловечки перформанси. Катарците многу ги сакаат јастребите. На фестивалот во Истанбул донесовме еден бел и еден стандарден јастреб. Сега е период кога ги менуваат пердувите. Им растат нови пердуви“, рече Ал Мехшаде.