Zeynep Beyza Kılıç
25 Ноември 2021•Ажурирај: 25 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Четвртиот брод ќе започне со активности на дупчење ова лето, изјави денес турскиот министер за енергетика и природни ресурси Фатих Донмез, јавува Агенција Анадолија (АА).
Новиот брод, кој има капацитет за извршување операции во услови на немирно море и дури во резервоари под висок притисок, ќе ѝ се придружи на флотата напролет.
Ова е дел од истражувачката работа која ќе се забрза во првиот квартал на 2022 година, кога бродот за дупчење „Фатих“ треба да спроведе сондажно дупчење на уште еден извор на природен гас.
„Во 2022 планираме да ги финализираме работите за претпроизводствениот процес во сите извори“, рече Донмез.
Турција моментално има два брода за сеизмички истражувања, „Оруч Реис“ и „Барбарос Хајретин паша“ и три брода за дупчење, „Фатих“, „Кануни“ и „Јавуз“, кои извршуваат операции во Црното Море и Средоземното Море.
Со производството кое започна минатата година во Црното Море, се добија вкупно 540 милијарди кубни метри.
„Минатата година, вкупната стапка на производството на природен гас достигна до 457,82 милиони кубни метри и до крајот на октомври оваа година достигна до 347,3 милиони кубни метри“, рече Донмез.
„Работата за поставувањето на гасоводната мрежа за дистрибуција на дното од Црното Море, исто така ќе започне во првата половина на 2022 година“, рече Донмез, додавајќи дека првата фаза на производството ќе започне во 2023 година.