Göksel Yıldırım
09 Јануари 2018•Ажурирај: 10 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Ѓоксел Јилдирим -
Турција, која претходно се соочуваше со голем број тешкотии и која потребите за беспилотни летала ги задоволуваше со набавка од странство, со новите производи и решенија развива можности кои со текот на времето се отворија во овој потсектор во одбранбената индустрија, пишува Anadolu Agency (AA).
„ThinkTech“, првата тинк-тенк организација во Турција фокусирана на технологијата, чиј основач е асоцијацијата Инжинеринг на одбранбени технологии (STM), направи истражување за позицијата на Турција кога станува збор за технологијата на беспилотни летала и очекувањата на земјата во оваа област.
Според споменатото истражување, беспилотните летала се важен мултипликатор на силата на денешното поле на асиметрично војување. Оваа технологија која се појави со беспилотните летала на далечинско управување, продолжи да се развива со „паметни“ автономни возила.
Се очекува беспилотните летала, со оглед на нивната вештачка интелигенција од висок степен и растечкото автономско дејствување, да бидат ефектно воено оружје.
Големината на светскиот пазар на беспилотни летала во наредните пет години би можела да достигне и 50 милијарди долари. Азиските, европските земји, но и САД настојуваат да го зголемат својот удел на овој пазар.
Одредени азиски земји, меѓу кои Кина, Индија и Јужна Кореја, настојуваат да развијат сопствени системи на беспилотни летала. Од друга страна, европските земји, меѓу кои се наоѓаат Франција, Германија и Велика Британија водат проекти за развој на системот на беспилотни летала. Не треба да се запостават ниту чекорите кои ги преземаат Русија и Израел.
- Големи потреби, но и пазарни можности -
За Турција, која тежнее да биде регионална сила, особено е важно да поседува системи на беспилотни летала со и без оружје, кои можат да се користат во истражувања и активности, како и да произведе такви летала користејќи сопствени национални средства.
Ако се земе предвид зголемената побарувачка и растот на светскиот пазар, Турција би можела да го добие својот удел во секторот.
Одбранбената и воздухопловната индустрија на Турција постигна значителен напредок врз основа на потсистемот, но и на платформата.
Безбедносните сили во асиметричното војување и борбата против тероризмот моментално користат одреден број беспилотни летала, но Турција мора да произведе уште многу беспилотни летала за да ги постигне целите, кога станува збор за националните одбранбени системи, поставени за 2023 година.
- На пазарот застапени и „дроновите-камикази“ -
Последниот производ кој Турција го разви на полето на технологијата на беспилотните летала се дроновите-камикази, кои се нарекуваат и „нови воини на Турција на небото“.
Токму овие дронови-камикази, кои во последно време се еден од најпривлечните производи на турската одбранбена индустрија, почнаа да го заземаат своето место во асиметричното војување.
Дроновите-камикази кои СТМ ги дизајнираше, ги разви и започна да ги произведува сериски, за првпат беа претставени на 13. Меѓународен саем на одбранбена индустрија, одржан во мај 2017 година.
Меѓу дроновите-камикази, кои станаа дел од Вооружените сили на Турција, се наоѓаат и автономното летало-бомбардер „KARGU“ со ротирачки крила, леталото бомбардер „ALPAGU“ со статични крила, како и леталото со ротирачки крила „TOGAN“, наменето за истражување и надзор.
Оваа година се работи на изработка на прототип на ескадрила на високософистицирани системи на беспилотни летала.