Fatma Zehra Solmaz
02 Јули 2026•Ажурирано: 02 Јули 2026
Турција ќе го претстави својот нов воен центар од следната генерација, заедничкиот генералштаб „Ај Јилдиз“ (Полумесечина и ѕвезда), дизајниран да го централизира одбранбениот врв на земјата, за време на самитот на НАТО што ќе се одржи следната недела во Анкара, јавува Анадолу.
Камен-темелникот на генералштабот беше поставен на 30 август 2021 година со присуство на претседателот Реџеп Таип Ердоган, а во моментов е завршен најголем дел од грубите градежни работи.
Заедничкиот генералштаб „Ај Јилдиз“ ќе ја интегрира командната структура на Турските вооружени сили во единствен комплекс. Се очекува со сместувањето на Министерството за национална одбрана, Генералштабот и командите на копнените, поморските и воздушните сили на една локација значително да се зајакнат стратегиското планирање и капацитетите за изведување заеднички операции.
Комплексот, чиј дизајн е инспириран од полумесечината и ѕвездата на турското знаме, ќе ги задоволи сегашните и идните потреби на турската војска на највисоко ниво, преку препознатливата архитектура, концептот на паметна зграда, еколошки одржливата структура и напредната технолошка инфраструктура.
Се очекува проектот, опремен со најсовремени технологии, кои опфаќаат кибербезбедност, балистичка заштита и заштита од хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни (ХБРН) закани, како и напредни инженерски решенија, да стане едно од водечките воени седишта во светот. Неговата безбедносна архитектура е дополнително зајакната со мерки усогласени со концептот „Челична купола“.
Генералштабот „Ај Јилдиз“ ќе функционира како стратегиски центар што ќе ја зајакне институционалната интеграција на Министерството за национална одбрана, ќе ги унапреди капацитетите за заеднички операции на турската војска и ќе ја олицетвори одбранбената визија на Турција во согласност со целите на „Векот на Турција“.
Генералштабот, кој неодамна ги отвори вратите за медиумите за време на неделниот брифинг на Министерството за национална одбрана, ќе биде домаќин на својот прв официјален настан во рамките на самитот на шефовите на држави и влади на земјите членки на НАТО, што ќе се одржи во Анкара на 7 и 8 јули.
Како дел од самитот, во чест на министрите за одбрана и високите претставници на НАТО, во генералштабот „Ај Јилдиз“ ќе биде организиран прием. Панирано е приемот да се одржи во делот од комплексот наречен „Ѕвезда“.