Претставниците на Турско-белгискиот бизнис-форум, што денес се одржа во Истанбул, ги истакнаа растечките економски врски меѓу двете земји, како и можностите за поширока трговска и инвестициска соработка, јавува Анадолу.
На Форумот организиран од Одборот за надворешни економски односи на Турција (ДЕИК), присуствуваа белгиската кралица Матилда, како и белгиска делегација на високо ниво.
Претставниците ги истакнаа можностите за проширување на соработката во неколку клучни области, меѓу кои и технологијата, зелената транзиција, одбраната и логистиката.
Говорниците го истакнаа и значењето на модернизирањето на Царинската унија меѓу Турција и ЕУ, како и улогата на Турција како центар за производство и логистика насочен кон европските пазари.
- Пријателска бизнис-средина -
Турскиот министер за трговија, Омер Болат, ѝ посака добредојде на кралицата Матилда за време на посетата што ја опиша како посета на најбројна меѓународна делегација во Турција досега. Во ера на геополитички тензии и прекини во глобалните синџири на снабдување, градењето доверливи партнерства е од пресудно значење.
Тој истакна дека билатералната трговска размена меѓу двете земји минатата година достигнала 9,3 милијарди долари и додаде дека претставниците имаат за цел на одржлив и балансиран начин да ја зголемат оваа бројка на 15 милијарди долари.
Болат истакна дека меѓу приоритетите се вбројуваат зајакнувањето на правната и деловната рамка меѓу двете земји преку договори за заштита и промоција на инвестициите, како и за одбегнување на двојното оданочување, со што ќе се обезбеди транспарентност, предвидливост и сигурност за инвеститорите.
Белгиските инвестиции во Турција достигнаа речиси 5 милијарди долари, додека турските инвестиции во Белгија стојат на околу 750 милиони долари.
„Турските компании го прошируваат своето присуство во Белгија во сектори како што се логистиката, одбраната, производството, малопродажбата и напредните технологии“, изјави Болат.
Тој исто така ги истакна можностите во областа на логистиката, посочувајќи дека турскиот пазар во овој сектор надминува 150 милијарди долари.
„Турција се издвојува со својата стратегиска положба на крстопат помеѓу Европа, Азија и Африка“, изјави тој.
„Турција нуди директен пристап до пазар со повеќе од 1,3 милијарди потрошувачи.“
Болат исто така упати апел до Европската Унија за модернизирање на Царинската унија нагласувајќи ја неопходноста од овој чекор за зајакнување на интегрираните синџири на вредности меѓу европските и турските компании.
– Комплементарни предности -
Претседателот на ДЕИК, Наил Олпак, истакна дека Турција и Белгија имаат комплементарни економски предности.
„Белгија е дом на светски реномирани компании во полето на фармацијата, хемикалиите, логистиката, високотехнолошкото производство, како и одбраната”, изјави тој.
Ја истакна и економската сила на Турција во областа на производството, технологијата, истражувањето и развојот, нагласувајќи ја нејзината улога како глобален трговски центар и пазар со 86 милиони потрошувачи.
Олпак рече дека зелената транзиција нуди значителни можности за соработка, со оглед на тоа што белгиската експертиза во областа на одржливоста се надополнува со брзорастечкиот сектор за обновливи извори на енергија во Турција.
Тој, исто така, ја истакна можноста за соработка меѓу белгиските високотехнолошки компании и турскиот стартап екосистем кој е во постојан подем.
Според Олпак, соработката во одбранбената индустрија останува важна и логична област за двете земји.
„Сите сме сведоци дека денес единствено сигурна е токму неизвесноста, нешто што ние бизнисмените воопшто не го сакаме“, изјави тој. „Идејата за слободна трговија се префрли на економските како и врз политичките блокови.“
„Повеќе од 60-годишното партнерство на Турција со ЕУ сега треба да се набљудува од една нова перспектива“, вели тој.
- Од регионален мост до глобална економска сила -
Шефот на Канцеларијата за инвестиции и финансии, Ахмет Бурак Даглиоглу, изјави дека во Турција моментално работат повеќе од 700 белгиски компании, при што вкупните белгиски инвестиции од 2003 година досега надминуваат 8 милијарди долари.
Тој истакна дека Турција во текот на изминатите две децении забележала сложена годишна стапка на пораст од 5,3 отсто, но дека брзо закрепнала од големите глобални економски шокови.
Даглиоглу додаде дека Владата воведува нова реформска агенда на секои 24 месеци, заснована на повратните информации од приватниот сектор.
Шефот на Канцеларијата го истакна потенцијалот на младата и високообразована работна сила на Турција, нагласувајќи дека инвеститорите имаат лесен пристап до квалификуван технички кадар, софтверски програмери и сениор менаџери во сите сектори.
Даглиоглу рече дека благодарение на својата стратегиска положба, Турција стана клучен логистички центар кој служи како главна алка за поврзување на три континенти.
„Големите инвестиции во инфраструктурата ја трансформираа Турција од регионален мост во глобална економска сила“, додаде тој.
Владата неодамна најави нов пакет финансиски и нефинансиски олеснувања за инвестициите.
Даглиоглу го заврши своето излагање со покана до белгиската бизнис-заедница на прием во јуни, кога ќе се одбележи јубилејот – 20 години од работата на Канцеларијата.