Gökhan Ergöçün
09 Јуни 2026•Ажурирано: 09 Јуни 2026
Турските официјални претставници ги истакнаа растечките економски врски со Сирија за време на Самитот на економии на градовите Газиантеп - Алепо во југоисточниот турски град Газиантеп, најавувајќи планови за отворање нови царински премини и поставувајќи цел за трговска размена од 10 милијарди долари во претстојните години, јавува Анадолу.
Самитот, организиран од страна на Анадолу во соработка со Општина Газиантеп, денес ги собра на едно место турските и сириските официјални претставници и бизнисмени.
Турскиот министер за трговија, Омер Болат, изјави дека целта на двете земји е да достигнат годишна трговска размена од 5 милијарди долари во рок од две години, а 10 милијарди долари до почетокот на 2030-тите години.
„Ние сме комплетно подготвени за пуштање во употреба на царинскиот премин Ислахије. Со заеднички напори, верувам дека многу брзо ќе ја соопштиме веста за неговото официјално отворање“, порача министерот.
Официјалните претставници исто така ги информираа своите сириски колеги за нивната подготвеност за отворање на царинскиот премин меѓу Нусајбин и Камишли.
Болат нагласи дека Турција дала највисок приоритет на заштитата на територијалниот интегритет и националното единство на Сирија по револуцијата од 8 декември 2024 година.
Тој додаде дека турските банки постигнале договор за отворање филијали во Сирија, додека централните банки ги продолжуваат своите преговори.
Турција силно ја поддржа сириската Влада во укинувањето на ембаргата наметнати од САД и ЕУ.
Газиантеп минатата година извезе стока во вредност од 900 милиони долари во Сирија, додека само во првите пет месеци од оваа година извозот достигна 350 милиони долари.
- Долготрајно партнерство -
Турскиот амбасадор во Дамаск, Нух Јилмаз, ја нарече Турција порта за Сирија кон глобалните пазари и Европа.
Јилмаз ја опиша Сирија како стратегиски логистички коридор што ја поврзува Турција со Блискиот Исток и регионот на Персискиот Залив.
Амбасадорот ги советуваше инвеститорите да формираат долготрајно партнерство наспроти фокусот кон краткорочна трговска размена.
Тој ги посочи регионот Алепо и Идлиб како примарна област за инвестиции поради стабилното снабдување со електрична енергија, како и стручниот кадар со кој располагаат.
„Безбедносните услови во Сирија значително се подобрија откако централната власт повторно воспостави контрола над повеќе различни територии во земјата“, порача Јилмаз.
Турските претставници исто така започнаа соработка со службата за миграција, со цел олеснување на визните процедури за Сиријците кои трајно се враќаат во својата татковина.
- Обнова на историските логистички рути -
Градоначалничката на Газиантеп, Фатма Шахин, ги истакна огромните можности што постојат меѓу Алепо и Газиантеп.
Шахин повика на обнова на историските логистички рути за унапредување на регионалната трговија.
Гувернерот на Газиантеп, Кемал Чебер, ја нагласи важноста од заедничкото дејствување рамо до рамо, со цел да се изгради заедничка иднина заснована на историските врски.
Тој истакна дека пограничната област набрзо ќе стане новиот економски центар на Турција.