09 Август 2022•Ажурирај: 09 Август 2022
АНКАРА (АА) – Турскиот брод за сондажни дупчења „Абдулхамид Хан“ денеска ќе исплови од пристаништето во Мерсин, јужна Туркије, за да започне со истражување на јаглеводороди во Средоземното Море, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за енергетика и природни ресурси на Република Туркије, Фатих Донмез, по тој повод преку Твитер порача дека денеска е голем ден.
Донмез претходно го посети Мерсин каде што е закотвен бродот, велејќи дека тоа е еден од петте бродови од седмата генерација во светот.
По повод испловувањето на бродот, денеска се очекува обраќање на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Република Туркије презеде интензивни активности за дупчење во своите води во последните четири години.
Бродот „Абдулхамид Хан“, наречен по еден од османлиските султани, ќе се приклучи на досегашната турска флота од три брода за истражување на јаглеводороди.
Ова импозантно пловило е долго 238 метри, широко 42 метри и тежи 68.000 тони. Неговата максимална длабочина на дупчење е 12.200 метри. Има висина на кулата од 104 метри и капацитет од 200 членови на екипажот.