Handan Kazancı
06 Октомври 2023•Ажурирај: 07 Октомври 2023
АНКАРА (АА) - Турската полиција приведе 92 лица поради сомнение за поврзаност со терористичката организација ДЕАШ за време на антитерористичките операции во 26 области, јавува Анадолу.
Антитерористичките тимови на турската полиција истовремено ги извршија операциите во 26 области.
„Нема да им дозволиме на терористичките организации и на нивните соработници да дишат“, наведе турскиот министер за внатрешни работи, Али Јерликаја, на социјалната мрежа Х.
Јерликаја рече дека турските безбедносни сили ќе ја продолжат одлучната борба сѐ додека и последниот терорист не биде неутрализиран.
Туркије во 2013 година стана една од првите земји што ја прогласи ДЕАШ за терористичка организација.
Терористите на ДЕАШ во текот на изминатите години извршија најмалку десет самоубиствени, седум бомбашки и четири вооружени напади во Туркије во кои животот го загубија повеќе од 300 лица, а стотици се ранети. Како одговор на тоа, Туркије започна антитерористички операции во земјата и во странство за да се спречат понатамошни напади.