Merve Gül Aydoğan Ağlarcı,Marietka Petrovska
17 Октомври 2022•Ажурирај: 18 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Туркије денес ја критикуваше Грција за лажно обвинување на Анкара за малтретирање на мигрантите, нарекувајќи ја Атина „бесрамна“, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Позната по своите досиеја за прекршување на меѓународното право, природно е Грција да се обиде да ја клевети Туркије бидејќи нејзините злосторства се множат“, изјави Мевлут Чавушоглу на прес-конференцијата по состанокот во Истанбул на министрите за надворешни работи на Советот на турските држави.
Тој ги даде овие изјави кога беше прашан за грчкиот министер за миграција и азил, Нотис Митарачи, кој ја обвини Туркије за малтретирање на 92 бегалци на грчко-турската граница, споделувајќи фотографија на Твитер од мажи на кои им била соблечена облеката.
Чавушоглу рече дека уште четворица мигранти биле извлечени од Егејското Море изминатата недела, додавајќи дека такви инциденти се случуваат среде морето.
„Постојат земји членки на ЕУ кои сметаат дека сè што вели Грција е вистина. Тоа е она што ја охрабрува Грција“, изјави Чавушоглу.
Турскиот директор за комуникации му возврати на Нотис, велејќи дека „грчката машина на лажни вести се вратила на работа... (се обидува) да фрли сомнеж во нивната земја со споделување лажни информации“.

„Со овие залудни и смешни напори, Грција уште еднаш му покажа на целиот свет дека не го почитува достоинството на бегалците со објавување на сликите на овие угнетени луѓе што ги депортираше откако им го украде личниот имот“, напиша Фахретин Алтун на Твитер.
„Грчките власти мора прво да одговорат за доенчињата што ги удавија во Егејското Море, како и за луѓето што ги соблекоа голи, ги тепаа со појаси и ги оставија да замрзнат до смрт“, додаде тој.
Туркије и групите за човекови права документираа голем број случаи на претепување, соблекување на мигрантите кои се обиделе да ја преминат границата со Грција, како и крадење на нивните лични работи.
Грција долго време спроведуваше нелегална политика на потиснување на барателите на азил кои се обидуваат да стигнат до нејзините брегови како влезна точка во Европа.
Групите за човекови права и водечките медиуми често известуваат за одбивањата и други прекршувања на човековите права на грчките власти, кои ги прекршуваат законите на ЕУ и меѓународните закони.
Туркије и групите за права, исто така, ја осудија оваа практика, велејќи дека таа ги крши хуманитарните вредности и меѓународното право со загрозување на животите на ранливите мигранти, вклучувајќи жени и деца.
- Односи со Ерменија
Запрашан во врска со односите со Ерменија, Чавушоглу потврди дека секој позитивен чекор во односите Азербејџан - Ерменија неизбежно ќе помогне во односите на Анкара со Ереван.
Тој понатаму ја изрази подготвеноста на Туркије да се сретне со Ерменија на „сите платформи“, додавајќи дека Анкара е „искрена“ за нормализирање на врските со Ереван.
Туркије и Ерменија минатиот декември назначија специјални претставници за разговори за нормализирање на односите, а првиот состанок се одржа во Москва на 14 јануари. Досега страните одржаа четири состаноци.
Како дел од напорите за нормализација, овој февруари Туркије и Ерменија ги обновија комерцијалните летови по двегодишна пауза.