Gözde Bayar
10 Јули 2024•Ажурирај: 11 Јули 2024
АНКАРА (АА) - Туркије ги осудува израелските напади врз училиштето во кое се наоѓаат раселени луѓе во јужниот дел на Појасот Газа, соопшти Министерството за надворешни работи, јавува Анадолу.
„Масовните гробници во Кан Јунис и нападите врз училиштата во последните четири дена се конкретен доказ за намерата на Израел целосно да го истреби палестинскиот народ“, се наведува во соопштението на Министерството.
Се додава дека нападите покажале и дека Владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху сака да ги поткопа преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа.
„Израелските претставници ќе одговараат за постапките што ги занемаруваат сите вредности на човештвото и меѓународното право“, соопшти Министерството.
„Неколку лица загинаа, а десетици се повредени во израелски напад врз училиште во Кан Јунис вчера“, соопштија лекарите.
Минатата недела, израелската војска издаде наредба за евакуација на палестинските жители од неколку подрачја во источниот дел на Кан Јунис.
Од избувнувањето на судирите во Газа, израелската војска погоди неколку палестински центри за раселени лица низ Појасот Газа, убивајќи десетици Палестинци.
Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради неговата континуирана брутална офанзива врз Појасот Газа, започната по нападот на палестинската група на отпорот Хамас на 7 октомври минатата година.
Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени повеќе од 38.200 Палестинци, главно жени и деца.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, чија последна одлука им наложи на израелските власти веднаш да ја прекинат воената операција во јужниот град Рафа.