Ahmet Sait Akçay,Ebru Şengül
30 Ноември 2016•Ажурирај: 01 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Русија не очекува од Турција да ги запре или да ги залади односите со ЕУ додека земјата е во преговори за пристап во Шангајската организација за соработка (SCO), изјави денес рускиот амбасадор во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Во интервју за AA, Андреј Карлов, рускиот амбасадор во Анкара изјави:
„Сѐ зависи од Анкара. За време на процесот за членство во Шангајската организација за соработка, ние никако не бараме од Турција да ги прекине односите со ЕУ“.
Во врска со соработката на Русија со Турција, Карлов изјави: „Русија е подготвена да соработува со Турција во секоја смисла, на билатерално или на меѓународно ниво“.
Коментарите дојдоа откако претседателот Реџеп Таип Ердоган претходно изјави дека Турција размислува за други блокови наместо ЕУ, особено за Шангајската организација за соработка СЦО.
Во врска со утрешниот состанок меѓу министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу и неговиот руски колега Сергеј Лавров, во медитеранската област Анталија, тој изјави дека состанокот ќе има симболично значење во новата фаза на билатерални односи меѓу двете земји.
„Најновите прашања за Украина и Сирија ќе бидат на врвот на агендата. Состанокот ќе игра клучна улога во соработката“, додаде Карлов.
Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, исто така треба да ја посети Русија во периодот меѓу 5 и 6 декември.
- Енергетски проекти на Турција и Русија -
Карлов вели дека Русија сака да ја види Турција како транзитен центар за природен гас, и за таа цел, го поддржува проектот за природен гас „Турски тек“.
„Со потпишувањето на меѓувладиниот договор за проектот за гасовод ‘Турски тек’, на 10 октомври во Истанбул, меѓу турскиот претседател Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин, обезбедно е дека градежните работи за проектот можат да започнат“, објасни Карлов.
Проектот „Турски тек“, најавен од страна на Путин за време на неговата посета во Турција во декември 2014 година, ќе пренесува гас од Русија, преку Црното Море, до Турска Тракија. Една линија, со 15,75 милијарди кубни метри капацитет, се очекува да го снабди турскиот пазар, додека втората линија е наменета за спроведување гас во Европа.
„Ние очекуваме изградбата на гасоводот да започне наредната година и првиот гас да пристигне во 2019 година. Во првата фаза ќе се градат две линии. Првата линија ќе има капацитет да ги исполни потребите за природен гас во Турција, а другата линија ќе може да пренесе гас во трети земји, во јужниот дел на Европа, во согласност со договорот, или може да се користи за да ја задоволи растечката домашна побарувачка на Турција“, рече тој.
Тој, исто така, истакна дека Русија никогаш не отстапува од соработката со Турција за изградба на нуклеарната централа во Акују.
Односите меѓу Русија и Турција се влошија во ноември минатата година, по соборувањето на руски авион, кој го наруши турскиот воздушен простор долж границата со Сирија. Односите почнаа да се подобруваат на 29 јуни, по писмото и телефонскиот разговор меѓу лидерите на двете земји.
Истакнувајќи дека неопходното законодавство за забрзување на изградбата на централата е донесено од страна на турскиот Парламент, Карлов исто така, рече дека образованието на 250 турски студенти во Русија со цел подготовка за вработување во новата централа е во тек.
„Прашањето за работниците што ќе бидат вработени во централата е исто така многу важно. Речиси 250 турски студенти се образуваат на различни руски универзитети во областа на нуклеарнто инженерство“, рече тој.
Договорот за нуклеарната централа во Акују беше потпишан во 2010 година. Се планира централата да има капацитет од 4.800 мегавати, во четири единици, и се очекува да биде во функција од 2023 година.