Diyar Güldoğan
03 Септември 2022•Ажурирај: 04 Септември 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес во телефонски разговор му кажа на својот руски колега Владимир Путин дека како и за договорот за испорака на жито, Анкара може да игра олеснувачка улога и за нуклеарната централа во Запорожје, јужна Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во телефонскиот разговор, Ердоган и Путин размениле мислења и за билатералните односи и за регионалните прашања, особено за извозот на жито, соопшти Дирекцијата за комуникации при турското Претседателство.
Туркије, Обединетите нации, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул на 22 јули за продолжување на извозот на жито од три украински пристаништа во Црното Море, кој беше прекинат поради почетокот на руско-украинската војна во февруари.
Ердоган му изрази сочувство на Путин за смртта на последниот советски лидер Михаил Горбачов.
„Двајцата лидери ја повторија и својата решеност да продолжат со проектот за нуклеарната централа Акују, која моментално се гради во Мерсин, јужна Турција“, се додава во соопштението.
Првиот реактор на „Акују“ треба да биде оперативен до 2023 година, а целата централа ќе биде пуштена во функција до 2025 година. Проектот започна со потпишување на меѓувладиниот договор меѓу Туркије и Русија од 2010 година.
Ердоган и Путин се согласија да разговараат за сите билатерални прашања на состанокот во Узбекистан на маргините на Самитот на Шангајската организација за соработка (ШСО) на 15 и 16 септември.