Abdullah Söylemez
03 Август 2019•Ажурирај: 05 Август 2019
АГРИ
Абдулах СОЈЛЕМЕЗ
Шестмина пријатели од Агри, Турција, одлучија да научат да го читаат Куранот, светата книга на муслиманите, иако имаат значајно оштетување на видот, поради што наидоа на позитивни реакции од јавноста, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Агри пред три години започна да се одржува курс наменет за лица со оштетување на видот, кои сакаа да го читаат Куранот. Благодарение на тој курс, шестмина пријатели научиле да го читаат Куранот преку Брајовото писмо.
Овие луѓе сакаа да бидат пример на другите, дека оштетувањето на видот не е препрека за да се научи како правилно да се чита Куранот, а сакаат и да ги подучуваат другите.
Муфтијата на Агри, Тандоган Топџу, за АА изјави дека муфтиството сака да им помогне на сите да научат правилно да го читаат Куранот, без оглед на полот, годините и дали станува збор за лице со инвалидитет.
„Курсевите за теџвид [наука која учи да го читаме светиот Куран без грешка] за лицата со инвалидитет, за првпат ги организиравме во 2016 година. Материјалот го подготвува Управата за верски работи, а Куранот е печатен на Брајовото писмо“, изјави Топџу.
Тој додаде дека шест лица со оштетување на видот, со помош на стручен наставен кадар научиле правилно да го читаат Куранот.
Појасни дека две лица од тие шестмина, го совладале материјалот во таа мерка што можат да ги подучуваат и другите.
Тој смета дека не постои препрека која не може да се надмине, доколку постои волја нешто да се научи или да се направи, и дека е потребна само цврста одлука и да се пронајде силата во себе.
Гарип Думан, претседателот на Здружението за лица со оштетување на слухот, кој беше иницијатор на курсот, задоволен е со постигнатите резултати и со фактот дека некогашните лица кои го посетувале курсот за да научат основа, денес имаат можност на другите да им го пренесат своето знаење.
Салих Џавдарџи, еден од посетителите на курсот, изјави дека пред три години со пријателите дошол да научи да го чита Куранот.
„Куранот го подобрува однесувањето на човекот. За секоја пожртвуваност постои награда“, смета Џавдарџи, кој со Брајовото писмо Куранот го прочитал четирипати.
Феџри Полат, кој исто така го посетува курсот, изјави дека го обземаат силни емоции во моментот кога почнува да го чита Куранот.
Полат на тој начин првпат се запознал со Брајовото писмо, а денес може да ги подучува другите како правилно се чита Куранот.
„Никогаш претходно не сум сретнал такво писмо. Сега читам веќе три години, но пак во одредени ситуации, некои работи ме изненадуваат“, изјави Полат, кој додаде дека учењето на Куранот носи мир и на сите им препорача да почнат да го читаат.