ИСТАНБУЛ (АА) - Турското државно обвинителство во Истанбул минатата година покрена опсежна истрага против криминалната организација на контроверзниот Аднан Октар, кој во земјите на Балканот и пошироката јавност е попознат како Харун Јахја, пишува Anadolu Agency (AA).
Постапувајќи по налог на Обвинителството, турската полиција покрена операција за приведување на 235 осомничени лица во пет региони на земјата. До денес се уапсени најмалку 187 лица, меѓу кои 92 се изведени пред Суд, вклучувајќи го и првоосомничениот Октар, кој е приведен на 11 јули во неговата луксузна вила во местото Ченгелкој, во Истанбул.
Аднан Октар е автор на повеќе од 130 наслови на книги од областа на религијата, науката и политиката. Делата кои започнал да ги објавува во 1979 година, под псевдонимот „Харун Јахја“, со тек на времето му го донесоа статусот на „истакнат интелектуалец“.
Но, се поставува прашање како „истакнатиот интелектуалец“ станал водач на криминална организација која се товари за низа тешки кривични дела, вклучувајќи го и организираниот криминал, сексуалното злоупотребување на деца, сексуалниот однос со малолетници, киднапирањата, даночните затајувања и кршењето на Законот за борба против тероризмот.
За вистинското лице на криминалното движење на Октар за новинарот на АА зборуваше инсајдерката Џејлан Озгул, членка на ова движење во периодот од 2006 до 2017 година. По помината една деценија во Движењето на Октар, Озгул одлучила да го напушти, поточно, да побегне од оваа организација, а за АА зборува за функционирањето на ова движење и за сето она со кое се соочила во текот на една деценија помината со Октар.
- Злоупотребување на малолетнички на возраст од 7 години -
На самиот почеток истакна дека по одредено време започнала да добива и помалку познати информации за ова движење.
„Забележав активности кои претставуваа напад на државата, како и активности во странство за кои не е информирана Турција. Тоа ми пречеше многу, поради што одлучив да побегнам“, изјави Озгул.
Таа понатаму наведе дека движењата од овој тип имаат потреба да ги привлечат младите, а особено лицата кои израснале во „привилегирани“ семејства, кои ги користат како свој излог. Како што нагласи таа, токму со тој излог ваквите групи оневозможиле однадвор да се забележи дека тие, всушност се опасни.
„Се работи за еден излог кој е посебно креиран како едно деловно опкружување, поради што и е примамлив за секого. Јас бев идеалист во студентските денови, млада девојка, поради што се одлучив да се придружам на ова движење. Верував дека таму се работи за еден идеал, за тоа како исламските морални вредности ќе преовладеат со светот. Во таа смисла сум измамена“, наведува Озгул, и додаде:
„Тоа беше причината за моето влегување во Движењето. Но, се работи за движење кое е полно со нечистотии. Таму се злоупотребуваат девојчиња на возраст од 7, 10, 14 и 17 години. Таму многу девојки се силувани повеќе пати“, изјави таа.
- Поврзаност со ФЕТО -
Таа додаде дека со уште неколку лица кои го напуштиле Движењето на Октар, ги споделила сите важни информации со државните институции, и нагласи дека кривичните дела на Движењето на Октар не можат да застанат на една страница од формат А4.
„Бев изненадена кога ја погледнав листата, но потоа прочитав, сфатив дека сè е точно, бидејќи на поголемиот дел од тие кривични дела во Движењето бев и сама сведок. На пример, ова движење, директно дејствуваше на еден судски процес со ФЕТО во САД. Се работи за движење кое прави завери против Турција, работи зад грб на оваа земја и кое на меѓународната арена ја доведува во многу тешка ситуација. Движењето спроведува и голем број шпионски активности, злоупотребување и силување на малолетнички, уцени и закани, апсење на лица“, вели Озгул.
Таа, исто така, изјави дека во Движењето, освен неа биле заробени и голем број други жени.
„За одредени случаи на злоупотребување слушнав откако го напуштив Движењето, додека за другиот дел се уверив врз основа на информациите кои ги добивав додека престојував таму. Постојат голем број наши пријатели, можете да стапите во контакт и со нив, тие, исто така се сведоци“, порача Озгул, додавајќи дека оние кои ќе одлучат да го напуштат Движењето се изложени на различни типови уцени, со кои се соочила и самата.
Озгул потврдува дека Движењето ги искористува младите луѓе кои сакаат да научат повеќе за религијата.
„Сакам да го наведам мојот пример. Сакав повеќе да се приближам кон религијата, да научам повеќе за неа. Ги сретнав тие луѓе и верував во она што ми го кажуваа, но кога започнав да се будам, веќе бев во состојба на заробена личност. Главна тема таму е токму злоупотребата на религијата. Тие се занимаваат со разни меѓународни измами. Голем е списокот на кривични дела кои ги прават“, истакна Озгул.
- Старлетите на Октар шетаат вооружени по улиците -
Она што е специфично за Аднан Октар и за неговото криминално движење, а врз основа на кое привлекуваше внимание на социјалните мрежи и во целата јавност, се емисиите на телевизијата „A9“, чиј сопственик е самиот тој, а во кои, опкружен со разголени старлети дискутира за различни општествени теми, вклучувајќи и верски вредности и начела.
Озгул се осврна и на старлетите кои ги нарекуваат „маченца“ и изјави дека тој термин се користи, пред сè за да ја омекне оваа тема и да ја направи посимпатична.
„Луѓето не знаат дека жените кои ги нарекуваат ’маченца‘, одејќи по улиците носат илегално купено оружје. Исто така, добар дел од луѓето не знаат дека тие жени со себе секогаш имаат телохранители кои ги носат дури и кога одат на преглед кај доктор. Луѓето не знаат на кој начин вршат кривични дела против државата, на кој начин вршат шпионски активности, и како привлекуваат малолетници кои таму ги злоупотребуваат“, порача Озгул.