Muhammed Enes Can
25 Март 2020•Ажурирај: 28 Март 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Кабинетот на турскиот државен обвинител во Истанбул покрена вкупно 20 обвиненија против осомничените за убиството на новинарот Џамал Кашоги, јавува Агенција Анадолија (АА).
Истанбулскиот државен обвинител Ирфан Фидан соопшти дека е завршена истрагата за убиството на новинарот Кашоги, кој на 2 октомври 2018 година беше свирепо убиен во зградата на Саудискиот конзулат во Истанбул, а неговите посмртни останки потоа беа во потполност уништени.
Во соопштението се наведува дека меѓу обвинетите се Ахмад Мохамад Асири и Сауд ал Кахтани кои се товарат дека од почетокот го планирале убиството на Кашоги и во согласност со тој план одредиле егзекутори и им издавале наредби. За двајцата се бара изрекување на повеќегодишни затворски казни.
Обвиненијата се покренати и против 18 лица кои се товарат за убиство со предумисла и свирепо мачење на жртвите. Тие лица првобитно планираа да го вратат Кашоги во Саудиска Арабија, а имаа и подготвен план на убиство со давење, доколку жртвата не прифати да оди со нив.
За 18 обвинети се бара изрекување доживотни казни.
Саудискиот новинар Џамал Кашоги, колумнист во американскиот весник „Вашингтон пост“, беше убиен во Саудискиот конзулат во Истанбул на 2 октомври.
По неколкудневни негирања, властите на Саудиска Арабија признаа дека Кашоги е убиен, а доплнително Судот во Саудиска Арабија изрече смртни казни на петмина обвинети. Уште тројца обвинети добија затворски казни во траење од 24 години. Блиските соработници на принцот Бин Салман се ослободени од сите обвиненија.