Невидливиот живот на езерото Меке се зачувува во лабораториски услови
- Микроорганизмите добиени од кратерското езеро Меке во округот Карапинар, Конија, ќе се користат за обновување на екосистемите и во земјоделските истражувања
Serhat Çetinkaya
14 Октомври 2026•Ажурирано: 14 Октомври 2026
photo: Serhat Çetinkaya / AA
КОЊА
Центарот за примена и истражување на земјоделството и климатските промени при Универзитетот „Селчук“ во турската област Коња ги чува во лабораториски услови микроорганизмите откриени во кратерското езеро Меке, кое претставува геолошко наследство, со цел тие да се користат во научни истражувања и да се зачуваат за идните генерации, пишува Анадолу.
Микробиолошките примероци откриени во рамките на истражувањето што го спроведува Центарот за примена и истражување на земјоделството и климатските промени при Универзитетот „Селчук“ во езерото, кое настанало пред 5 милиони години по вулканска ерупција во округот Карапинар, Конија, се чуваат на температура од минус 80 степени Целзиусови.
Зачуваните примероци ќе послужат како основа за активности насочени кон обновување на екосистемот доколку дојде до нарушување на микробиолошката структура на езерото, кое е погодено од суша, или до намалување на неговата биолошка разновидност.
Фотографија : Serhat Çetinkaya/AA
Во рамките на истражувањето се добиени и корисни бактерии што би можеле да се применат во земјоделското производство и да придонесат за приспособување кон климатските промени.
- „Собравме многу микроорганизми и добивме корисни бактерии“ -
Проф. д-р Кубилај Куртулуш Башташ, директор на Центарот што го спроведува истражувањето, за Анадолу изјави дека истражувањето е значајно за пренесување на микробиолошкото наследство на езерото на идните генерации.
Посочувајќи дека микроорганизмите може да се користат и во земјоделските истражувања и во обновувањето на екосистемите, Башташ истакна дека добиените бактерии можат да им помогнат на растенијата да се приспособат на променливите услови на животната средина.
Објасни дека зеле бројни примероци од почвата на дното на езерото и од неговата околина.
Фотографија : Serhat Çetinkaya/AA
„Целта ни е да ги добиеме микроорганизмите за кои сметаме дека можат да бидат корисни и да ги зачуваме за иднината, а кога езерото повторно ќе се обнови, со додавање на биолошката разновидност со која располагаме, да го вратиме во неговата првобитна состојба. Собравме многу микроорганизми и добивме корисни бактерии“, рече Башташ.
- „Бактериите отпорни на соленост даваат надеж и за земјоделското производство“ -
Башташ посочи дека истражувањето започнало со цел да се добијат корисни бактерии што би можеле да се користат во земјоделството за приспособување кон климатските промени, а подоцна било проширено.
„По земањето на примероците, во лабораторијата започнавме со процесите на изолација и идентификација. Досега добивме многу нови видови бактерии со кои претходно не располагавме. Ќе можеме да ги користиме и за утврдување на постојната биолошка разновидност на нашата земја и за обновување на екосистемот и неговата сегашна структура со помош на овие корисни бактерии. Меѓу нив има бактерии поврзани со фосфатите, фосфорот, азотот и сулфурот. Овие бактерии, кои се отпорни на соленост, даваат надеж и за земјоделското производство“, изјави тој.
Укажувајќи дека проблемот со зголемената соленост на земјоделските површини станува сè поизразен, Башташ рече дека некои од изолираните корисни бактерии ќе се користат во борбата против соленоста и за подобрување на квалитетот на почвата.
Нагласувајќи дека истражувањата ќе бидат проширени, Башташ рече:
„Техничките истражувања на одредени бактерии, како и истражувањата во областа на молекуларната биологија и генетиката, постепено ќе се интензивираат. Можеби од нив ќе можеме да произведуваме биолошки ѓубрива. Работиме на истражувања што би можеле да имаат големо значење за нашата земја, како од економски, така и од научен аспект.“