Muhammed Enes Can
20 Февруари 2018•Ажурирај: 20 Февруари 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Турското обвинителство во рамките на истрагата за терористичката организација ФЕТО утринава изаде налог за лишување од слобода на 170 поранешни и активни припадници на Вооружените сили на Република Турција кои се сомничат за поврзаност со таа организација, јавува Anadolu Agency (AA).
Одделот на истанбулското државно обвинителство за борба против тероризмот и организираниот криминал води истрага за инфилтрираните елементи на терористичката организација ФЕТО во редовите на турската војска.
Обвинителството утринава издаде налог за приведување и претрес на најмалку 170 пензионирани, суспендирани и активни припадници на турските вооружени сили за кои е утврдено дека на различни начини комуницирале со водечките членови на ФЕТО.
Постапувајќи по налогот, полицијата веќе излезе на терен и врши претреси на објекти во 38 турски области.
До моментот на објавување на овој текст приведени се најмалку 22 осомничени лица, а во тек е потрагата по преостанатите осомничени.
Терористичката организација ФЕТО, на чело со Фетула Ѓулен, со посредство на своите инфилтрирани припадници во државните институции, во јули 2016 година се обиде да изврши државен удар во Турција. Во тој неуспешен обид пучистите убија најмалку 250 лица. Турција потоа покрена опсежна борба против терористичката организација ФЕТО, која е формирана пред неколку децении, и под плаштот на верските програми ги злоупотреби верските чувства на луѓето за остварување на своите терористички планови.