Mümin Altaş,Mehmet Tosun
10 Февруари 2022•Ажурирај: 11 Февруари 2022
АНКАРА
Под мотото „Ветување за живот“ организирана е изложба на која се изложени кутии цигари на луѓе од Турција и од странство со кои се сретнал претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган за време на неговите патувања, луѓе кои му ветиле дека ќе престанат да пушат, известува Агенција Анадолија (АА).
Борејќи се против пушењето во текот на својот политички живот, Ердоган уште поефективно ја продолжи својата борба против пушењето, со законските прописи што ги воведе откако ја презеде премиерската функција.
За време на состаноците и патувањата на кои присуствувал Ердоган, екипата што го придружувала, ги зела кутиите цигари од пушачите кои дале ветување дека ќе се откажат од оваа навика.
На домашните и странските патувања, на меѓународни состаноци и приеми во изминатите години, собрани се 215 кутии цигари кои се изложени во Изложбениот салон во Претседателскиот комплекс „Бештепе“.
Меѓу сопствениците на кутиите цигари претставени на изложбата, која беше подготвена под раководство на претседателот Ердоган, има пушачи од сите сфери, од министри, заменици-министри, директори, новинари, до таксисти.
На изложбата се изложени кутии цигари што претседателот Ердоган ги добил од бугарскиот министер за надворешни работи, Даниел Митов, кој пушел во кабината за пушење за време на Самитот на шефови на држави и влади на НАТО и од народниот пратеник на АК Партијата на областа Агри, Мехмет Мелик Озмен, кој почина во 2005 година на 39-годишна возраст како последица на срцев удар.
На изложбата, покрај кутии цигари од граѓаните, се наоѓа и кутијата цигари што Ердоган ја доби од неговиот брат Мустафа Ердоган во 2010 година, кој ветил дека ќе ги остави цигарите.
Како последна додадена во колекцијата е кутијата цигари што претседателот Ердоган ја прими од Хусаметин Јивлик, мајстор на традиционалната уметност на дрворез, како ветување дека ќе се откаже, дадено на Церемонијата на доделувањето награди за Живо човечко богатство - претставници кои наследството го пренесуваат во иднината, што се одржа во Националниот конгресен и културен центар „Бештепе“.
На кутијата цигари стои името и потписот на лицето кое ветило дека ќе се откаже од цигарите, како и имињата на оние кои биле сведоци на тој момент.
На изложбата внимание привлекува кутијата цигари на лице кое дало ветување дека ќе се откаже од цигарите, при што на опаковката напишал: „Почитуван претседателе, имам 18-годишен внук кој е зависен од пушење, телефон и компјутер. Не можевме да го натераме да се откаже. Вели дека ќе се откаже само ако Вие се јавите, бидејќи тој е Ваш обожавател.“
На изложбата се прикажани и фотографии од моментите кога граѓаните во знак на ветување дека ќе престанат со пушење, на претседателот Ердоган му предаваат кутии цигари.