АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека со својот американски колега Џо Бајден на Самитот на групата Г20 во Рим ќе разговара за 1,4 милијарди долари што Турција ги инвестираше во проектот за воените авиони Ф-35 и порача дека Турција на овој или на оној начин ќе ги врати своите 1,4 милијарди долари од САД, јавува Агенција Анадолија (АА).
При враќањето во Турција од африканската турнеја, Ердоган во авионот одговараше на новинарски прашања поврзани со агендата.
Една од темите за кои зборуваше Ердоган беа изјавите на амбасадорите на 10 земји во врска со бизнисменот Осман Кавала, еден од вкупно 52 обвинети во судскиот процес кој е во тек поврзан со случаите за обидот за пуч во Турција во 2016 година од страна на терористичката организација ФЕТО и случувањата во паркот „Гези“.
Амбасадите на Соединетите Американски Држави, Германија, Данска, Финска, Франција, Холандија, Шведска, Канада, Норвешка и Нов Зеланд порачаа дека судскиот процес против Осман Кавала фрла сенка врз демократијата и владеењето на правото во Турција и повикаа на ослободување на Кавала, поради што се повикани на разговор во турското Министерство за надворешни работи.
Ердоган праша зошто амбасадорите на 10 земји би дале ваква изјава во врска со случајот Кавала.
„Оние кои го бранат овој „отпадок на Сорос“ всушност се во обид „како да го ослободиме?“ На нашиот министер за надворешни работи му кажав дека не можеме да си дозволиме да бидеме домаќини на такви луѓе во Турција“, рече Ердоган, додавајќи:
„Во меѓународната заедница Кавала е исто како и Сорос. Тие со пари се обидуваат да го размрдаат секое место. Треба внимателно да се следат.“
Предупреди дека се обидуваат да се инфилтрираат и на Балканот.
„Се обидуваат да се инфилтрираат на Балканот, да го заплашат Балканот. Се разбира, нема да им дадеме можност, не треба да им се даде. Прават слични работи во Косово, во Македонија, Албанија, насекаде. Фала му на Бога, ние како Турција сме силни и не им допуштаме да се инфилтрираат кај нас. Значително е намален бројот на терористи и нашата одлучна борба против тероризмот ќе продолжи“, порача Ердоган.
- „ФЕТО има сериозна инфраструктура во Нигерија“ -
Наведувајќи дека ја завршил официјалната посета што ја започнал на 17 октомври како дел од турнејата во Западна Африка, Ердоган рече дека досега остварил 41 посета на 30 различни африкански земји.
Посочувајќи дека тоа е конкретен показател за решеноста на Турција да ги подобри односите со африканскиот континент, Ердоган рече дека за време на неговата посета, со претседателите на Ангола, Того, Буркина Фасо, Либерија и Нигерија детално разговарал за билатералните односи и регионалните прашања.
На новинарското прашање зошто е важна Африка со оглед на тоа што досега се остварени 41 посета на 30 различни африкански земји, претседателот Ердоган рече:
„Направивме план со пријателите. Тоа дојде на дневен ред и на нашата средба во Того. Се надевам дека ќе посетам и други земји кои се блиски една до друга, како што се Либерија и Буркина Фасо, доколку е можно. Јужна Африка, се разбира, е речиси најживата земја во регионот. Покрај тоа, Јужна Африка е многу силна во одбранбената индустрија. Има чекори кои можеме да ги преземеме заедно. Се разбира, ФЕТО, исто така, за жал, има сериозна инфраструктура во Нигерија. Ние детално разговаравме за неа со претседателот на Нигерија, г. Бухари. Рековме ‘Ајде да им дадеме инструкции на нашите разузнавачи‘, се согласивме да им дадеме задачи на нашите разузнавачи и ќе одиме на ФЕТО во Нигерија. Тука имаат универзитет и болница. Разговаравме за да ги преземеме нив.“
- „Во Африка започна колапсот на ФЕТО“ -
На прашањето „На крајот од Самитот што го одржавте во Того - ФЕТО, заедно со ДЕАШ и Боко харам, во Африка за првпат во меѓународен текст е вклучена како терористичка организација. Дали би можеле да го оцените ова и важноста на нашето присуство во Африка во борбата против ФЕТО?“, Ердоган нагласи:
„Започна сериозен колапс поврзан со ФЕТО во Африка. Во моментов, сериозен број училишта се префрлени на нашата Фондација „Маариф“. Нашата Фондација „Маариф“ презеде над 216 училишта поврзани со ФЕТО во 19 земји. Во моментов, функционираат само во Нигерија. За ова прашање разговаравме на состанокот со почитуваниот претседател Бухари. Приклучувањата кон Фондацијата „Маариф“ во Африка значи колапс на ФЕТО во Африка. Организацијата полека почнува да пропаѓа во Јужна Африка.“
Одговарајќи на прашањата на новинарите за воените авиони Ф-35, Ердоган рече дека овие разговори се на основното ниво.
„Во моментов има разговори на основно ниво. Но, ние ќе ги добиеме нашите 1 милијарда 400 милиони долари на овој или на оној начин. За сево ова се дискутира. Во моментов, нашите министри за одбрана ги водат овие разговори. Сега нашиот министер за национална одбрана ќе се сретне со американскиот министер за одбрана. Ќе разговараме за ова со Бајден на состанокот на Г-20 во Рим. Ќе го прашаме: ‘Што правиме, што се случува?‘ Никогаш нема да дозволиме да бидат поразени правата на Турција“, додаде Ердоган.
- „Нема апсолутно никаков компромис за Сирија“ -
Запрашан за неговите ставови за операцијата против терористичките организации во Сирија, Ердоган рече:
„Во моментов, нашите операции продолжуваат на клучно чувствителните точки во регионот. Нема апсолутно никаков компромис. Ние го продолжуваме овој процес во Сирија. Моментално не знам како ќе биде пристапот на режимот, но ние продолжуваме да го правиме сето она што е потребно и да одговараме со сето наше тешко вооружување.“
- Тврдењето на Киличдароглу дека „може да се извршат политички убиства“ -
Запрашан за зборовите на претседателот на најголемата опозициска партија, Кемал Киличдароглу, дека „може да се извршат политички убиства“, Ердоган рече:
„Како прво, овие изјави на лидерот на главната опозиција се целосно луди. Мора да научи политика. Друг излез нема. Кога велиш ’политичко убиство‘, има нешто што треба да направиш. Што е тоа? Ќе го докажеш тоа. Нема таков доказ. Тие зборови се слични на поговорката: ‘Еден луд човек фрлил камен во бунар, 40 паметни луѓе не можеле да го извлечат каменот.‘ Таков е овој случај.“
Во однос на тоа кога ќе се одржат претседателските избори во Турција, претседателот Ердоган рече дека изборите ќе се одржат навреме и дека тој датум е јуни 2023 година.