Sertaç Bulur
04 Јануари 2022•Ажурирај: 05 Јануари 2022
АНКАРА / ИСТАНБУЛ / КОЊА
Најмалку 78 лица се приведени денес поради наводи за поврзаност со терористичката организација ФЕТО, велат извори и официјални претставници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обвинителите во Истанбул издадоа налози за приведување на 16 лица како дел од истрагата за инфилтрација на припадниците на терористичката организација во правосудството и казнениот систем.
Безбедносните сили приведоа 15 осомничени во истовремени операции низ Турција, додека во тек се напори за фаќање на преостанатиот осомничен.
Во акциите се запленети поголем број организациски документи и дигитални материјали.
Исто така, и обвинителите од Анкара, главниот град на Турција, издадоа налози за приведување на 99 осомничени како дел од истрагата за присуството на членови на терористичката организација во Генералната команда на жандармеријата.
Канцеларијата на обвинителството објави дека безбедносните сили потоа започнале голема операција низ 40 турски области, со седиште во Анкара, приведувајќи 55 осомничени.
Во меѓувреме, обвинителите во централната област Коња издадоа налози за приведување на 10 лица како дел од истрагата за инфилтрацијата на терористичката група во турските вооружени сили.
Осуммина од осомничените беа приведени во операции спроведени во седум области, со седиште во Коња.
Терористичката организација ФЕТО и нејзиниот лидер Фетула Ѓулен, кој се наоѓа во Соединетите Американски Држави (САД), го организираа неуспешниот пуч на 15 јули 2016 година, во кој животот го загубија 251 лице, а 2.734 беа повредени.
ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за уривање на државниот поредок во Турција преку инфилтрирање на своите приврзаници во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.
По неуспешниот обид за пуч, приведени се десетици илјади осомничени членови на ФЕТО, меѓу кои има и голем број на припадници на вооружените сили, полицијата, судството и образовниот сектор.