Турција

Во Истанбул започна судењето за убиството на новинарот Џамал Кашоги

Судот во Истанбул кон средината на април го прифати обвинението против вкупно 20 саудиски државјани осомничени за убиство на новинарот Џамал Кашоги, за кои е распишана потерница

Muhammed Enes Can, Ali Cevahir Aktürk  | 03.07.2020 - Обновена : 04.07.2020
Во Истанбул започна судењето за убиството на новинарот Џамал Кашоги

ИСТАНБУЛ

Во Судот во Истанбул почна судењето против 20 саудиски државјани осомничени за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, кој на 2 октомври 2018 година свирепо е погубен во зградата на Саудискиот конзулат во Истанбул, а неговите посмртни останки потоа во потполност се уништени, јавува Агенција Анадолија (АА).

Судот во Истанбул кон средината на април го прифати обвинението кое содржи 117 страници кое турското Обвинителство во овој град го поднесе против вкупно 20 саудиски државјани осомничени за убиство на новинарот Џамал Кашоги, за кои е распишана потерница.

Првото рочиште почна утрово пред 11. Казнен суд во Истанбул, без присуство на обвинетите.

Рочиштето почна со читање на заклучокот на обвинението, а продолжи со сведочење на Хатиџе Џенгиз, свршеницата на убиениот новинар Кашоги. Таа на рочиштето дојде во придржуба на адвокат.

Меѓу обвинетите се Ахмед Мухамед Асири и Сауд ал Кахтани кои се товарат дека од почеток го планирале убиството на Кашоги и во согласност со тој план ги одредиле егзекуторите и им издале наредби. За двајцата се бара изрекување на повеќекратни доживотни затворски казни.

Останатите 18 лица кои се опфатени со обвинението исто така се обвинуваат за убиство со предумисла и свирепо мачење на жртвата. Тие првобитно планираа Кашоги да го вратат во Саудиска Арабија, а имаа и подготвен план за убиство со давење доколку жртвата не прифати да оди со нив.

За 18 обвинети се бара изрекување на повеќекратни затворски казни.

Обвинети се Менсур Осман Абу Хусеин, Махер Абдулазиз М. Муртеб, Салах Мухамед А. Тубаиги, Мустафа Мухамед М. ал Мадан, Шаиф Саад К. ел Кахтани, Тхар Галеб Т. Алхарби, Бадр Лафи М. Алотаиби, Турки Мушараф М. Алшехри, Фахад Шабиб А. Албалави, Валед Абдулах М. Алшехри, Мухамед Саад Х. Алзахрани, Наиф Хасан С. Аларифи, Абдулазиз Мухамед М. Алхавсави, Халид Аед Г. Алотаиби, Месхал Саад М. Албостани, Муфлих Шаја М. Алмуслих, Ахмед Абдулах А. Алмузаини и Саад Муид Алкарни.

Новинарот на „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, убиен е во комплексот на Саудискиот конзулат во Истанбул во кој тој ден отиде на закажаниот состанок за издавање на потребните лични документи за венчавка.

По повеќедневно негирање, властите на Саудиска Арабија признаа дека Кашоги е убиен, а потоа Судот во Саудиска Арабија изрече смртни казни за петмина обвинети.

Уште тројца обвинети добија затворски казни во вкупно траење од 24 години. Блиските соработници на принцот Бин Салман се ослободени од сите обвиненија.

Комесаријатот за човекови права на Обединетите нации (OHCHR) во извештај кој содржи 101 страница тврдат дека убиството на Кашоги е чин кој Саудиска Арабија го извела со предумисла. Во извештајот се наведува дека постојат валидни докази за неопходноста од спроведување истрага за вмешаноста на највисоките саудиски функционери во тоа убиство, вклучувајќи го и принцот Бин Салман.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın