Kenan Irtak
19 Декември 2022•Ажурирај: 29 Декември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) – Во периодот јануари - ноември оваа година, бројот на патници кои патувале низ двата најфреквентни турски аеродроми во Истанбул се зголеми за 31 милион во однос на минатата година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Аеродромот „Истанбул“ и Аеродромот „Сабиха Ѓокчен“ пречекаа 87,1 милион патници во периодот јануари - ноември годинава, покажуваат податоците што АА ги доби од Генералниот директорат на државната Управа за аеродроми.
Тоа е пораст од 56 отсто во однос на истиот период минатата година, благодарение на широко распространетото ублажување на ограничувањата за пандемијата на Ковид-19.
Аеродромот „Истанбул“ го користеле над 59 милиони патници во текот на 11-те месеци, што е раст за 78 отсто од претходната година.
Од Аеродромот „Истанбул“ околу 14,8 милиони патници ги користеле летовите на домашните дестинации, додека 44,3 милиони ги користеле меѓународните летови.
Во меѓувреме, Аеродромот „Сабиха Ѓокчен“ на анадолската страна на Истанбул опслужил 14,7 милиони патници на домашните летови и 14,1 милион меѓународни патници во периодот од јануари до ноември.