Ahmet Özler
09 Март 2020•Ажурирај: 11 Март 2020
КАРАБУЌ
- Ахмет ОЗЛЕР
Сонот на браќата близнаци (23), кои уште од своето детство посакуваа да станат овчари на сопствено стадо, стана реалност благодарение на „Проектот за млади земјоделци“ на турското Министерство за земјоделие и шумарство, радувајќи се на остварените соништа.
Иако од своето детство досега браќата близнаци Фатихан и Емирхан Капуџуоглу никогаш не живееле на село, првите чекори за остварување на својот сон за живот на село ги направиле уште во средношколските денови, кога изнајмиле фотоапарат и со заработените пари купиле 6 јагниња.
Повторно уште во средношколските денови, со поддршка на државата тие купиле кокошки што ги хранеле во селото на нивниот татко, а со продажбата на јајцата се обиделе да тргуваат. По завршувањето на средното училиште, поднеле барање до Министерството во рамките на „Проектот за млад земјоделец“ и станале сопственици на 32 овци.
На овој начин „сонот“ за станување овчар им се остварил и донеле одлука да студираат вонредно.
Студирајќи вонредно на универзитетите „Истанбул“ и „Анадолу“, близнаците се сместиле во селото Кишлапзари во подрачјето на градот Оваџик од кое потекнува нивниот татко и на тој начин започнале со одгледувањето овци.
Браќата близнаци, кои од државата добија 32 овци, успеале своето стадо да го зголемат на 120 грла. Тие во исто време учат и „трчаат“ по своите соништа.

- „Тоа е нашиот сон уште од детството“
Младиот сточар Фатихан Капуџуоглу за АА изјави дека љубовта кон животните го достигнала своето највисоко ниво во средношколските години и иако нивното семејство се противело на тоа, тој истакна дека со задоволство го започнале сточарскиот бизнис.
Фатихан раскажа дека во средношколските години биле во потрага по начин за заработка, истакнувајќи: „Тоа е сонот што го сонуваме уште од нашето детство. Во нашите средношколски денови го споделивме нашиот сон со семејството. На почетокот семејството не нè поддржа, велејќи ни ‘Вие пораснавте во град, како ќе го постигнете тоа?’. На почетокот, од еден наш школски другар изнајмивме фотоапарат и тргнавме да фотографираме. Со парите што ги заработивме си купивме сопствен фотоапарат.“
Раскажувајќи ни за средношколските денови, Капуџуоглу ни рече дека во III година од средното образование наставниците ги прашале „Која професија ќе ја одберете, што сакате да станете?“ и продолжи со зборовите:
„Имавме нова професорка, само што беше назначена. На секој ученик одделно му рече ‘Кажете го вашето име и што сакате да бидете’. По ред секој велеше ‘доктор’, ‘наставник’. Кога дојде ред на мене, јас реков ‘Јас сакам да станам овчар, сакам да бидам овчар на сопствено стадо’. Школските другари прснаа во смеа. Професорката удри по масата и ми се обрати ‘Стани’. Откако станав ми рече ‘Те бакнувам во челото’. На соучениците им предложи да ми честитаат, давајќи ни збор дека ќе нè поддржи и материјално и морално.“
- „Сточарството го започнавме со 6 јагниња“
Капуџуоглу рече дека парите што ги заработиле од фотографирањето не биле доволни за купување стока, истакнувајќи дека од таа причина побарале помош од своето семејство. „Нашето семејство инсистираше да продолжиме со нашето школување. Тие сакаа по школувањето да бидеме државни службеници. Но ние повеќе посакувавме сточарство. Прво почнавме да комуницираме со лицата што се занимаваат со сточарство. Се договоривме да работиме со тоа што наместо плата, месечно ќе ни даваат по 4 јагниња, но нашето семејство го спречи тоа. За да не ни се скрши ентузијазмот, семејството се договори со еден сосед од селото на татко ми кој за парите што ги имавме собрано ни продаде 6 јагниња. На тој начин со 6 јагниња започнавме со сточарство. Среќни сме што на село ги храниме сопствените животни“, истакна Капуџуоглу.
Заблагодарувајќи им се државните органи, Капуџуоглу рече дека тие секогаш им излегувале во пресрет и им помагале.
- „Многу му се заблагодаруваме на нашето семејство“
Братот близнак Емирхан Капуџуоглу рече дека благодарение на проектот „Млад земјоделец“ на Министерството за земјоделие и шумарство се стекнале со 32 овци, додавајќи дека сега имаат над 100. Близнаците секој ден ја носат на пасишта стоката што ја одгледуваат, велејќи дека уживаат во работата што ја прават.
Капуџуоглу, истакнувајќи дека нивна цел е зголемување на капацитетите, продолжи со зборовите:
„Кога започнавме со оваа работа, се фокусиравме на тимскиот дух и семејната поддршка. Сметам дека сме храбри. Тимската работа и онака кај нас е уште од раѓање. Многу му се заблагодарувам на нашето семејство за нивната материјална и морална поддршка. Во моментов се обидуваме да ги собираме плодовите. Дај Боже да успееме. Се обидуваме да напредуваме во работата. Студираме вонредно. И покрај обврските со работата, се трудиме редовно да ја следиме наставата. Не е многу тешко.“