Kenan Irtak
20 Октомври 2026•Ажурирано: 20 Октомври 2026
Аеродромот Истанбул, со кој управува ИГА, е избран за „Најдобар аеродром во светот“ во рамките на наградите „Readers’ Choice Awards 2026“, што ги организира британското издание на списанието „Конде наст травелер“, пренесува Анадолу.
Според соопштението на ИГА, операторот на Аеродромот Истанбул, аеродромот се најде на првото место со 94,29 поени на листата составена врз основа на оцените на читателите на списанието за патувања.
Аеродромот Истанбул, кој нуди летови до околу 350 дестинации во светот, се најде на врвот на листата, пред аеродромите Чанги во Сингапур и Меѓународниот аеродром во Дубаи.
На ранг-листата, аеродромот Чанги во Сингапур е на второто место со 93,92 поени, додека Меѓународниот аеродром во Дубаи е трет со 93,18 поени.
Аеродромот во Копенхаген е на четвртото место со 93,13 поени, аеродромот во Цирих е петти со 91,79 поени, додека Меѓународниот аеродром Хамад во Катар е шести со 90,45 поени.
На листата, аеродромот Мадрид-Барахас е на седмото место со 90,23 поени, Меѓународниот аеродром во Хонгконг е осми со 89,50 поени, Меѓународниот аеродром во Кејптаун е деветти со 88,24 поени, а аеродромот Рим Фјумичино е десетти со 87,92 поени.
Аеродромот Истанбул беше избран за најдобар аеродром во светот и во 2024 и 2025 година, врз основа на гласовите на читателите на американскиот „Конде наст травелер“.
„Конде наст“, основана во 1909 година, во своето портфолио ги има изданијата „Вог“, „Њујоркер“, „Џи-кју“, „Венити фер“ и „Вајрд“. Преку печатените изданија, дигиталните платформи и каналите на социјалните мрежи, компанијата допира до милиони читатели низ светот.