Saadet Gökce
07 Јули 2026•Ажурирано: 07 Јули 2026
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и партнерите од Индо-Пацификот денес одржаа заеднички состанок на маргините на Самитот на НАТО што се одржува во Анкара, Турција, јавува Анадолу.
На состанокот на групата „Индо-пацифичка четворка“ (ИП4) присуствуваа јужнокорејскиот претседател Ли Џе-мјунг и министерот за надворешни работи Чо Хјун, јапонскиот министер за надворешни работи Тошимицу Мотеги и министерот за одбрана Шинџиро Коизми, австралискиот министер за одбранбена индустрија Пат Конрој и новозеландскиот министер за одбрана Крис Пенк, се наведува во соопштението од јапонското Министерство за надворешни работи.
Учесниците разговараа за актуелни меѓународни прашања, вклучително и војната меѓу Русија и Украина, ситуацијата во Кина, прашањата поврзани со Индо-Пацификот, како и за одговорите на активностите на Северна Кореја и состојбите во Иран.
Исто така, тие се договорија за зајакнување на соработката меѓу НАТО и ИП4 во областите на одбранбената индустрија, кибербезбедноста и напредните технологии.
Според соопштението, Руте ја истакна намерата на Алијансата да го зајакне партнерството со ИП4, со цел поефикасно справување со предизвиците со кои се соочува меѓународната заедница.
Министерот Мотеги истакна дека безбедноста на Европа, Атлантикот и Индо-Пацификот е „нераздвојна“.
Тој додаде дека цврстите врски меѓу НАТО и ИП4 придонесуваат за глобалниот мир и стабилност, изразувајќи надеж за натамошно проширување на соработката и продлабочување на стратегиското партнерство со НАТО.
Самитот во Анкара ги собра лидерите од 32 земји членки на Алијансата, како и клучните партнери за да разговараат за европскиот одбранбен капацитет, целите на Алијансата за издвојување за одбраната, воената модернизација и континуираната поддршка за Украина.
Иако не се членки на НАТО, Јужна Кореја, Австралија, Нов Зеланд и Јапонија се поканети на годишните самити на Алијансата како гости уште од 2022 година.
Состанокот во Анкара е втор самит на НАТО чиј домаќин е Турција, по Самитот во Истанбул во 2004 година. Собирот, исто така, обезбедува платформа за билатерални средби меѓу Турција и сојузничките земји за политичка, безбедносна и економска соработка.