Zafer Fatih Beyaz
04 Јуни 2026•Ажурирано: 04 Јуни 2026
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со официјална церемонија во Анкара го пречека својот колега од Нигер, Абдурахаман Чиани, јавува Анадолу.
Коњицата ја придружуваше колоната возила на Чиани до претседателскиот комплекс, каде што Ердоган го пречека лидерот на Нигер на главниот влез.
По церемонијата на пречекот, воениот оркестар ги изведе химните на двете земји. На свеченоста беа присутни и војници со знамињата на 16 историски туркиски држави, а во чест на претседателот во посета, беше испукан плотун од 21 топ.
Чиани изврши смотра на свечената гарда и ги поздрави војниците, а потоа двајцата лидери ги претставија своите делегации.
Пред почетокот на билатералните разговори, Ердоган и Чиани се фотографираа пред знамињата на Турција и Нигер.
Предвидено е двајцата претседатели да претседаваат и со состаноците меѓу делегациите, да присуствуваат на потпишувањето договори и да одржат заедничка прес-конференција.
Се очекува подоцна Ердоган да приреди и официјална вечера во чест на Чиани.
На церемонијата присуствуваа и високи турски официјални претставници, меѓу кои министерот за енергетика Алпарслан Бајрактар, министерот за одбрана Јашар Ѓулер, министерот за трговија Омер Болат, шефот на Националната разузнавачка организација Ибрахим Калин и директорот за комуникации на Претседателството, Бурханетин Дуран.