Muhammed Yasin Güngör,Merve Berker
18 Јануари 2025•Ажурирај: 19 Јануари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес ја критикуваше историјата на Израел за кршењето договори и прекини на огнот, повикувајќи ја меѓународната заедница да спречи повторување на оваа практика во договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Газа, известува Анадолу.
„Израел, особено (премиерот Бенјамин) Нетанјаху, има дебело досие за прекршување на примирјето, што овојпат не треба да се дозволи (во Газа)“, рече Ердоган на обласниот конгрес на неговата партија во Адана, јужна Туркије.
Тој ја осуди израелската офанзива во Газа, која траеше 467 дена и е причина за смртта на повеќе од 47.000 Палестинци.
„И покрај 467 дена геноцид и масакр, Израел не успеа да ја скрши волјата за отпор на нашите браќа и сестри во Газа“, рече Ердоган.
Тој ја потврди посветеноста на Туркије да се повикаат на одговорност сторителите на воените злосторства во Палестина.
„Ќе продолжат и ќе се интензивираат нашите напори еден по еден да ги повикаме на одговорност сторителите на воени злосторства и злосторства против човештвото“, рече претседателот Ердоган.
Туркије ќе ги мобилизира сите средства да ги залечи раните на Газа за време на периодот на прекин на огнот, додаде Ердоган.
Катар во средата објави дека е постигнат договор за прекин на огнот меѓу Израел и палестинската група Хамас, во три фази, за ставање крај на повеќе од 15-месечните смртоносни израелски напади врз Појасот Газа, при што примирјето ќе стапи на сила во недела, во 6:30 часот по средноевропско време.
Во врска со Сирија, Ердоган рече дека „пропаднал израелскиот проект да ја подели Сирија на три дела, претворајќи ја во парчиња, кои е полесно да се голтаат“.
Тој ја истакна поддршката на Туркије за доброволно враќање на бегалците, истовремено спротивставувајќи се на секое принудно враќање.