Gökçe Karaköse
13 Декември 2024•Ажурирај: 15 Декември 2024
Во организација на Здружението за солидарност и соработка „Џиханума“ денес во турската метропола започна „Истанбулскиот форум Џиханума 2024“, јавува Анадолу.
Претседателот на Здружението за солидарност и соработка „Џиханума“, Риза Јорулмаз, во својот говор на отворањето потсети дека Израел веќе 433-ти ден врши геноцид врз невините Палестинци во Газа.
Тој истакна дека во светот владее цивилизациска криза и дека човештвото кое, како што рече, речиси два века е под контрола на расистичкиот империјализам и западната цивилизација, се движи кон хаос.
„Западот, кој се здоби со финансиска моќ, ги освои сите угнетени земји, особено исламските земји. Окупаторите ги направија другите земји зависни од нив и воспоставија глобален робовски поредок преку колаборационисти и марионетски владетели и разни владејачки трикови“, рече Јорулмаз.
Тој истакна дека катастрофите како што се војните, геноцидот, трговијата со робови и колонијализмот што траеја со години, сè уште живеат во сеќавањето на човештвото.
Јорулмаз потсети дека само во 20 век, околу 200 милиони луѓе загинале во војните започнати од Западот.
Во својот говор тој потсети на зборовите на Алија Изетбеговиќ, првиот претседател на меѓународно признатата држава Босна и Херцеговина, за „вистинското лице на Западот“.
„Последниот и најболниот пример на Западот кој го открива своето вистинско лице е Газа“, рече Јорулмаз.
Тој истакна дека Израел убива невини луѓе во Газа со поддршка и охрабрување на Соединетите Американски Држави (САД).
„За жал, ниту една земја или меѓународна организација не го спречува или може да го спречи тоа“, рече тој.
Пред присутните се обрати и претседателот на Големото национално собрание на Туркије, Нуман Куртулмуш, кој рече дека актерите кои поседуваат знаење, волја и предлози за глобален поредок ќе го водат новиот светски поредок.
„Не знаеме како ќе се развива светот, но има едно нешто што е многу јасно. Отсега нема да има ниту биполарен свет ниту униполарен регион. Ќе бидеме сведоци на воспоставување нов мултиполарен, всушност мултицентричен свет. Ќе видиме, поточно веќе гледаме, дека некои земји во светот станале особено важни во рамките на оваа мултиполарност. Една од тие држави, ова го велам без никакво претерување, е Туркије“, изјави Куртулмуш.
Тој потоа посочи дека војните, глобалните миграции и сиромаштијата не се нешто што може да се реши само со политички мерки, туку, како што рече, за решавање на овие прашања потребен е пристап заснован на хуманост и совест.
Форумот ќе трае до 15 декември, а истакнати професори, мислители и активисти ќе учествуваат на голем број панели.
Анадолу е глобален комуникациски партнер на форумот.