?????
05 Ноември 2015•Ажурирај: 05 Ноември 2015
Сенегалецот Ламин Дијак (82), поранешен претседател на Светската атлетска федерација (IAAF), се наоѓа под истрага поради примање пари заради одложување на санкциите за руските атлетичари кои користеле допинг, пренесува Anadolu Agency (AA).
Француските обвинители реагираа по добивањето на информацијата од Светската агенција за антидопинг (WADA). Од канцеларијата на францускиот финансиски обвинител соопштија дека Дијак и неговиот советник Хабиб Цисе се уапсени во неделата, а откако се испитани пуштени се на слобода во вторник.
Поради тоа Себастијан Кое, сегашниот претседател на IAAF, се согласи на соработка и него француската полиција го испитала за овој случај.
Дијак дури 16 години беше првиот човек на светската атлетика, а своето владеење го оконча во август оваа година кога го наследи Кое. И Меѓународниот олимписки комитет (МОК), каде Дијак е почесен член, соопшти дека нивната Етичка комисија отвори истрага.
Сер Крег Риди, претседател на WADA во изјава за британските медиуми рече дека не може да се изјасни за случајот Дијак се додека независната комисија не го објави својот извештај за наводите за систематски допинг. Но, исто така потврди дека за сè што досега комисијата сработила се известени француските истражни органи.
Цела приказна започна во декември минатата година кога една германска ТВ куќа во својот документарен филм откри дека постојат индиции за систематски допинг на руските атлетичари, а дека IAAF сето тоа го прикрива. Атлетската федерација на Русија веднаш реагираше на таквите наводи и ги прогласи за лажни.