Dejan Maksimovic
17 Јуни 2021•Ажурирај: 18 Јуни 2021
ПАРМА (АА) - Фудбалскиот клуб Парма денеска официјално објави враќање на легендарниот 43-годишен голман Џанлуиџи Буфон, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Буфон со клубот во кој ја започна својата професионална кариера потпиша договор на две години.
Токму со Парма, славниот чувар на мрежата ги освои првите трофеи во неговата блескава кариера. Беше тоа во сезоната 1998/99 кога Парма стигна до Купот и Суперкупот на Италија и до трофејот на победникот на Купот на УЕФА.
Буфон во 2001 година премина во Јувентус за тогаш неверојатни 52 милиони евра. Со „старата дама“ тој стана шампион на Италија дури десетпати, а интересно е тоа што успеа да ја освои и Серија Б. Секако, тој го освои и Купот петпати и Суперкупот на Италија шестпати. Сезоната 2018/19 ја помина во Париз Сен Жермен со кој ја освои титулата шампион и Суперкупот на Франција, за потоа да се врати во Јувентус.
За репрезентацијата на Италија, со која во 2006 година стана светски шампион, бранеше 176 пати.