Şenhan Bolelli
22 Јануари 2019•Ажурирај: 23 Јануари 2019
МАДРИД (АА) - Португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо, поради затајување данок во Шпанија е осуден на затворска казна во траење од 23 месеци и парична казна во вредност од 18,7 милиони евра, јавува Anadolu Agency (AA).
Роналдо ја призна вината и постигна договор со Обвинителството на Шпанија. Еден од најдобрите фудбалери на светот, Роналдо, нема да ја отслужи затворската казна во ќелија, бидејќи му е изречена казна пократка од две години, што претставува граница за задолжително служење на казната.
На изрекувањето на пресудата Роналдо присуствуваше во придружба на својата девојка Џорџина Родригез.
Обвинението го товари Роналдо за затајување данок од 5,7 милиони евра во четири кривични дела сторени во периодот од 2011 до 2014 година.
Роналдо судницата ја напушти без обраќање кон новинарите, а излезе во придружба на двајца полицајци и кратко ја поздрави групата фанови кои го чекаа пред судницата.
Правосудните официјални претставници соопштија дека Обвинителстото барало изрекување на двегодишна затворска казна и парична казна во износ од 18,8 милиони евра. Истите извори јавуваат дека 33-годишниот Роналдо ја признал вината и постигнал договор со обвинителот да плати само парична казна.
Роналдо во периодот од 2009 до 2018 година играше за Реал Мадрид, а од јули минатата година е фудбалер на италијанскиот Јувентус. Во Шпанија се товари дека парите заработени од маркетинг ги уплатувал на офшор сметки и така избегнувал плаќање данок.
Роналдо од судницата се упати кон аеродромот во Мадрид за со приватен авион да се врати во Торино.
Паралелно со тоа, во судницата на Регионалниот суд во Мадрид денес пристигна и поранешниот шпански фудбалер Чаби Алонсо, кој е обвинет дека во периодот од 2010 до 2012 година сторил три кривични дела на затајување данок.
Неговото рочиште е во тек, а Обвинителството бара изрекување на петгодишна затворска казна и парична казна во износ од 5 милиони евра.
Судовите во Шпанија претходно за затајување данок изрекоа различни казни на голем број фудбалери, меѓу кои се и Лионел Меси, Хавиер Маскерано, Анхел ди Марија, Радамел Фалкао, Марсело Вијеира, Лука Модриќ, Фабио Коентрао, Алексис Санчез и Рикардо Карваљо. Исто така и на фудбалскиот експерт Жозе Мурињо му е изречена парична казна.