Bakir Tiro,Kemal Zorlak
21 Јануари 2021•Ажурирај: 22 Јануари 2021
САРАЕВО
Бугаринот Ивајло Петев (45) е новиот селектор на фудбалската А-репрезентација на Босна и Херцеговина, одлучено е на денешната седница на Извршниот одбор на Фудбалскиот сојуз на БиХ, јавува Агенција Анадолија (AA).
По двомесечната фарса членовите на „државната фудбалска влада“ го избраа Петев, во конкуренција на домашните тренери и кандидати со кои официјално преговараше Стручната комисија во состав на Сергеј Барбарез, Амар Осим, Сергеј Јакировиќ и Хусреф Мусемиќ.
Петев дебито на клупата на популарно наречените „змаеви“ ќе го има на натпреварот од првото коло од квалификациите за Светското првенство кога на 24 март ќе бидат гости на Финска.
Ивајло Петев тренерската кариера ја започна во 2010 година со преземање на бугарскиот ПФЦ Лудогорец Разград, кој го воведе во Првата лига на Бугарија и со кој подоцна освои две титули на првак. Имаше неславна епизода во Левски од Софија, од каде буквално го избркаа навивачите веднаш по доаѓањето.
Беше тренер и на кипарскиот АЕЛ Лимасол, каде што се задржа една сезона.
Во декември 2014 година Бугарскиот фудбалски сојуз Петев го именуваше за селектор на националниот тим на Бугарија, а со кој не успеа да се квалификува на ЕУРО 2016 и заврши четврти во групата.
Потоа, во сезоната 2016/2017 година, неколку месеци беше и шеф на стручниот штаб на Динамо од Загреб. Единствен тренер кој со трофејниот хрватски клуб во последните 15 години не успеа да ја освои титулата на државен првак. Имаше „епизода“ во Омонија од Кипар (2017/2018) и работеше како тренер на Ал Кадсиах во Саудиска Арабија. Минатата сезона кратко беше и во полскиот клуб Јагиелонија.