Emrah Oktay
15 Октомври 2023•Ажурирај: 18 Октомври 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Со завршувањето на осмата етапа во Истанбул, денеска заврши 58. Претседателска велосипедска трка на Туркије (Tour of Turkiye), на која Алексеј Луценко од казахстанскиот тим Астана победи во генералниот пласман, јавува Анадолу.
„Tour of Turkiye“ е престижна велосипедска трка која ја организира Турската велосипедска федерација под покровителство на Претседателството на Туркије и со поддршка на Министерството за млади и спорт на земјата.
Осмиот ден од трката, велосипедистите ја поминаа 130,5 километри долгата рута Истанбул - Султанахмет. Победник во денешната етапа беше Јаспер Филипсен од тимот Алпесин-Декјунинк.
Во генералниот пласман убедливо победи Луценко кој трката „Tour of Turkiye“ ја заврши со време од 30 часа, шест минути и 58 секунди.
На второто место заврши Бен Цвихоф од германскиот тим Бора-Хангсгрое, а третопласиран е Харол Техада од Астана.
Наградите на велосипедистите им ги врачи турскиот министер за млади и спорт, Осман Ашкин Бак, кој истакна дека и овогодишната трка е одржана на високо ниво и дека со вака голем настан се промовира културата на користење велосипеди во Туркије.
Тој рече дека под водство на претседателот Реџеп Таип Ердоган, Туркије значително вложува во спортот и дека се остварени големи успеси на различни полиња, вклучувајќи го и рекреативниот и професионалниот велосипедизам.
„'Tour of Turiye' е важна трка за промоција на нашата земја во светот. Спортот воопшто е многу важен за развојот на туризмот. Како Министерство продолжуваме со поддршката на спортот“, рече Бак.