Doga Kirmizioglu
30 Јануари 2019•Ажурирај: 31 Јануари 2019
ЊУЈОРК (АА) - Спортската комисија на сојузната американска држава Невада (NSAC) изрече остри казни за рускиот мајстор во мешани боречки вештини, Хабиб Нурмагомедов, и неговиот ирски ривал, Конор Мекгрегор, за инцидентот што се случи по нивниот меч за шампион во лесна категорија на УФЦ (Ultimate Fighting Championship), пренеусва Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Комисијата се наведува дека на Нурмагомедов му е изречена суспензија во траење од девет месеци и парична казна во износ од половина милион долари.
Од друга страна, Ирецот Мекгрегор е суспендиран на шест месеци и ќе плати парична казна во износ од 50.000 долари.
Казната за суспензија се смета од 6 октомври минатата година, кога е и одржан спектакуларниот меч на двајцата борци.
Нурмагомедов има можност деветмесечната суспензија да ја намали на шестмесечна, ако во меѓувреме учествува во одредена кампања против насилство во границите на Невада, каде што се одржа мечот.
Едногодишно суспендирање и парични казни во износ од 25.000 долари им се изречени и на членовите на тимот на Нурмагомедов, Абубакар Нурмагомедов и Зубејр Тукхугов.
Нурмагомедов во октомврискиот меч со прекинот во четвртата рунда го совлада Мекгрегор и ја одбрани титулата УФЦ-шампион во лесна категорија.
По судискиот прекин на мечот дојде до инцидент, кога испровоцираниот Нурмагомедов ја прескокна оградата на рингот и се степа со тренерот на Мекгрегор, Дилан Данис. Мекгрегор за тоа време имаше „борба“ со тренерите на Нурмагомедов во рингот.