Islam Uddin
05 Мај 2026•Ажурирај: 05 Мај 2026
Претседателската канцеларија на Јужна Кореја денес дискутираше за „одговорот“ на Сеул на пожарот што избувна по експлозија на карго брод, управуван од голема јужнокорејска бродска компанија во Ормускиот Теснец, додека американскиот претседател Доналд Трамп го повика Сеул да се приклучи на мисијата предводена од САД во водениот пат, пренесуца Анадолу.
Состанокот се одржа во Претседателската канцеларија, а на него присуствуваа шефот на Кабинетот на претседателот, Канг Хун-сик, и други високи официјални претставници, но веднаш не беа откриени детали од дискусијата за медиумите, јави „Јонхап њуз“.
Сеул соопшти дека ги презема сите неопходни мерки за да ја утврди точната причина и околностите на експлозијата на бродот под знамето на Јужна Кореја во Ормускиот Теснец.
„Ќе можеме да ја утврдиме точната причина за инцидентот при увид на штетата откако бродот ќе биде извлечен“, соопшти Министерството за надворешни работи, според „Кореја тајмс“.
Инцидентот се случи доцна синоќа додека бродот „Ејџ-ем-ем наму“ бил закотвен во близина на брегот на Обединетите Арапски Емирати.
Пожарот избувнал во машинскиот оддел, каде што членовите на екипажот се бореле со пламенот околу четири часа користејќи ги системите со јаглерод диоксид на бродот.
Потврдено е дека сите 24 членови на екипажот, составени од шест Јужнокорејци и 18 странски државјани, се безбедни.
Официјален претставник на јужнокорејската „Ејч-ем-ем ко.“, која управува со бродот, рече дека останува нејасно дали инцидентот бил предизвикан од надворешен напад или внатрешен дефект.
Причината за експлозијата останува предмет на истрага.
Дваесет и шест бродови под знамето на Јужна Кореја остануваат заглавени во Теснецот.
По инцидентот, Трамп ја повика Јужна Кореја да се приклучи на мисијата во Ормускиот Теснец, велејќи дека „можеби е време Јужна Кореја да дојде и да се приклучи на мисијата“.
Во понеделникот, иранските државни медиуми известија дека две ракети погодиле брод на американската морнарица во близина на островот Џаск во Оманскиот Залив, но Соединетите Американски Држави цврсто го негираа тврдењето.
Тензиите ескалираа откако иранската Исламска револуционерна гарда претходно предупреди дека сите бродови што ги прекршуваат протоколите за транзит издадени од Техеран во Ормускиот Теснец „ќе бидат запрени со сила“.
САД и Израел започнаа напади врз Иран на 28 февруари, што предизвика одмазда од Техеран кон Израел, како и кон сојузниците на САД во Персискиот Залив, заедно со затворање на Ормускиот Теснец.
САД од 13 април спроведуваат поморска блокада насочена кон иранскиот поморски сообраќај во стратегискиот воден пат.
Двонеделниот прекин на огнот беше објавен на 8 април преку пакистанско посредништво, по што следуваа директни преговори во Исламабад на 11 април, но не беше постигнат договор за траен прекин на огнот.
Американскиот претседател Доналд Трамп подоцна, по барање на Пакистан, го продолжи прекинот на огнот без да одреди нов рок.