Ekipa
06 Декември 2016•Ажурирај: 06 Декември 2016
ТОКИО (АА) - Владата на Јапонија соопшти дека премиерот на Јапонија, Шинзо Абе, нема да упати извинување при неговата посета на пристаништето Перл Харбор на 26 декември, каде што ќе се одржи последната билатерална средба со американскиот претседател во заминување, Барак Обама, пренесува Anadolu Agency (AA).
Главниот секретар на јапонската Влада, Јошихиде Суга, изјави дека целта на посетата е да им се оддаде почит на оние што загинаа во војната, а не да се упати извинување.
Како што изјави Суга, тоа ќе биде можност на идните генерации да им се покаже одлучноста да не се повторат грешките и страдањата од војната, како можност за помирување меѓу Јапонија и САД.
Јапонските медиуми ја пренесуваат изјавата на Суга: „Премиерот кажа сè што можеше да се каже за чувствата во врска со војната во своето соопштение во август минатата година, кога беше одбележана 70-годишнината од крајот на војната“.
Јапонскиот премиер претходно изјави дека со посетата на Перл Харбор сака да испрати порака на зближување на Јапонија и САД, со порака дека трагедијата на војната никогаш повеќе не смее да сe повтори.
Абе ќе биде првиот шеф на Владата на Јапонија кој во текот на својот мандат ќе го посети Перл Харбор, а тоа е е еден вид одговор на неодамнешната посета на Обама на Јапонија. Обама е првиот американски претседател кој ја посети Хирошима, каде што САД фрлија атомска бомба во текот на Втората светска војна.
Јапонските воздухопловни сили на 7 декември 1941 година, извршија напад врз американската морнарица во Перл Харбор, по што САД се вклучија во Втората светска војна.