Melike Pala
17 Јуни 2026•Ажурирано: 17 Јуни 2026
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес ги отфрли наводите дека Вашингтон се дистанцира од Алијансата откако го промени својот удел во силите на НАТО, велејќи дека САД остануваат целосно посветени на колективната одбрана, јавува Анадолу.
Говорејќи пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел, Руте рече дека неодамнешните промени во ветувањата на САД не треба да се толкуваат како повлекување од Европа.
„Веројатно сте наишле на вестите за адаптациија на својот придонес кон моделот на сили на НАТО. Во некои случаи, ова е претставено како проблем - како САД да се оддалечуваат од своите сојузници. Но, тоа не е реалноста“, рече тој.
„САД јасно ставија до знаење дека се посветени на НАТО“, нагласи Руте.
Тој рече дека Вашингтон очекува европските сојузници и Канада да преземат поголем дел од одговорноста за конвенционалната одбрана, посочувајќи дека САД мора да се справат и со безбедносните предизвици во други региони.
„Гледаме дека европските сојузници и Канада се подготвени и способни да сторат повеќе“, рече Руте.
Според него, промените се однесуваат на одговорностите според моделот на сили на НАТО во случај да се активираат одбранбените планови на Алијансата, а не на моменталното распоредување на американски трупи и средства.
Одговарајќи на прашања од новинарите, тој нагласи дека прашањето „не е за тоа каде се наоѓаат силите и средствата во моментов, туку за тоа кој што би направил ако се активираат нашите одбранбени планови“.
Тој истакна дека врховниот командант на сојузничките сили на НАТО за Европа (SACEUR) проценил дека многу од капацитетите што САД повеќе нема да ги дадат на располагање се веќе достапни меѓу европските сојузници или ќе станат достапни во блиска иднина.
„Бидејќи САД го приспособија својот придонес, другите сојузници се заложија да придонесат повеќе, во некои случаи целосно, во некои случаи скоро целосно“, рече Руте.
Тој призна дека остануваат некои празнини во капацитетите, додавајќи дека „има области што бараат повеќе работа, но целокупната слика изгледа добро“.
Руте, исто така, го поздрави постигнатиот договор меѓу САД и Иран, велејќи дека потезите на Вашингтон против воените капацитети на Техеран ја зајакнале меѓународната безбедност.
„Акцијата на САД за спречување на заканата од нуклеарно вооружен Иран и деградирање на неговиот капацитет за балистички ракети ја подобрува безбедноста за сите нас. И, договорот што го постигна претседателот Трамп создаде можност да се осигури дека Иран никогаш нема да се стекне со нуклеарно оружје“, рече тој.
Руте нагласи дека враќањето на слободата на пловидба низ Ормускиот Теснец би претставувало „огромен чекор напред“, додавајќи дека неколку сојузници се подготвени да придонесат во активностите за обезбедување на стратегискиот воден пат.