Şeyma Erkul Dayanç
21 Април 2026•Ажурирај: 21 Април 2026
Глобалниот енергетски систем се соочува со досега невидено ниво на ранливост предизвикано од геополитичките тензии, предупреди денес шефот на Меѓународната агенција за енергетика, јавува Анадолу.
„Ние живееме во исклучително ранлива ситуација. Глобалната економија денес зависи од многу мал број актери”, изјави Фатих Бирол за „Франс интер“.
Говорејќи во седиштето на ИЕА, во Париз, Бирол изјави дека нестабилноста околу Ормускиот Теснец е клучен ризик-фактор за глобалните енергетски пазари.
Тој предупреди дека нарушувањата во тесниот воден пат би можеле да придонесат за поширок обем на последици во поглед на глобалната економија, нарекувајќи ја ситуацијата „апсурдна, но реална”.
„Вазната е скршена. И кога една вазна е веќе скршена, не можете целосно да ја поправите”, изјави Бирол, нагласувајќи дека последиците од сегашната криза ќе бидат долготрајни.
Тој изјави дека глобалните енергетски пазари остануваат исклучително чувствителни на геополитичките случувања, вклучувајќи ги и сигналите од клучните политички актери, како што е американскиот претседател Доналд Трамп, чии изјави за трговската и енергетската политика продолжуваат да придонесуваат за неизвесноста на пазарот.
„Глобалната економија денес зависи од многу мал број актери”, изјави тој, нагласувајќи ја концентрацијата на ризикот во синџирите за снабдување со енергија.
Шефот на ИЕА исто така го посочи и влијанието на војната во Украина, која го наруши протокот на нафта и гас и ги обнови глобалните синџири во снабдувањето, особено во Европа.
Тој истакна дека Русија останува клучен играч на глобалните енергетски пазари и покрај санкциите и промената на трговските модели, што дополнително придонесува за нестабилноста на цените и рутите за снабдување.
Бирол ја спореди сегашната ситуација со нафтените шокови од 1970-тите, но вели дека сегашната криза е уште потешка поради нејзиното комбинирано влијание врз нафтата, гасот, ѓубривата и петрохемијата.
Тој предупреди дека кризата може да ја продлабочи инфлацијата и да го забави глобалниот раст, особено со сериозни последици за растечките економии, меѓу кои се и земјите во Африка и Јужна Азија.
Во поглед на Европа, тој рече дека земјите како што е Франција, се релативно подобро подготвени, но и тие ќе се соочат со повисоки цени и притисок врз куповната моќ на домаќинствата.
„За враќање на стабилноста би можеле да бидат потребни и години“, истакна тој, и додаде дека за оштетената енергетска инфраструктура и нестабилноста на пазарот би биле потребни најмалку две години за нормализирање на состојбите.
Бирол, исто така, изјави дека кризата би можела да ја забрза глобалната енергетска транзиција, при што обновливите извори на енергија, нуклеарната енергија и електричните возила би можеле да имаат најголем бенефит, додека некои земји можеби привремено ќе ја зголемат употребата на јаглен.