Melike Pala
21 Април 2026•Ажурирај: 21 Април 2026
Европа регистрираше најголем број случаи на голема кашлица досега во 2024 година, додека бројот на заразени со мали сипаници (морбили) се искачи на највисокото ниво во речиси три децении, што предизвика нова загриженост поради падот на вакцинациската покриеност, јавува Анадолу.
Според податоците објавени вчера од страна на Европската комисија, Светската здравствена организација и УНИЦЕФ на почетокот на Европската недела на имунизацијата, има повеќе од 298.000 случаи на голема кашлица низ европскиот регион на СЗО во 2024 година, што е најголема бројка забележана досега.
Бројот на случаи на мали сипаници, исто така нагло се зголеми, надминувајќи ја бројката од 127.000 инфекции, што претставува највисоко ниво во последните 27 години во регионот, кој опфаќа 53 земји низ Европа и Централна Азија.
„Дел од ова може да се припише на недостигот на свесност, дезинформациите и недовербата во вакцините или здравствените власти. Сепак, овие епидемии откриваат и нерамномерна покриеност со имунизација, како и слабости во програмите за имунизација и системите за примарна здравствена заштита”, се вели во соопштението.
Скокот на случаите се случува и покрај деценискиот напредок. Регионот е ослободен од детска парализа (полио) уште од 2002 година, додека болестите како рубеола и дифтерија се драматично намалени.
„Европа не смее да си дозволи да се враќа наназад. Императив е да се зајакнат националните и регионалните програми за имунизација и да се забрзаат глобално координираните акции”, се вели во соопштението.
Големата кашлица, која е бактериска инфекција, може да биде опасна по живот за новороденчињата. Таа обично започнува со благи симптоми слични на настинка, пред да прогресира во силни напади на кашлање и тешкотии со дишењето.
Здравствените власти нагласуваат дека малите сипаници (морбилите) се многу заразни и можат сериозно да ги погодат и возрасните, а понекогаш бараат и хоспитализација.
Симптомите вклучуваат покачена телесна температура, проследена со кашлица, течење на носот и карактеристичен осип, додека компликациите можат да доведат до пневмонија или енцефалитис.
„Вакцините функционираат, тие спасуваат животи и ги штитат нашите заедници“, се додава во соопштението.