Riyaz Khaliq Khaliq
12 Јуни 2026•Ажурирано: 12 Јуни 2026
Пакистанскиот министер за надворешни работи Ишак Дар и шефицата за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Каја Калас, денес разговараа за најновиот развој на настаните околу приближувањето на ставовите меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Иран, се наведува во соопштението од Исламабад, пренесува Анадолу.
„Двете страни го поздравија напредокот постигнат преку континуиран дипломатски ангажман и изразија надеж дека овие напори набргу ќе доведат до трајно разбирање и мирно решение“, соопшти пакистанското Министерство за надворешни работи по телефонскиот разговор меѓу Дар и Калас.
„Двајцата претставници потврдија дека дијалогот и дипломатијата остануваат единствениот одржлив начин за решавање на конфликтите и за унапредување на трајниот мир и стабилност“, се додава во соопштението.
Телефонскиот разговор беше одржан по медиумските известувања дека четири транспортни авиони од типот Ц-17 на Военото воздухопловство вчера заминале за Европа, пренесувајќи опрема поради посетата на потпретседателот Џеј Ди Венс во Женева, каде што би присуствувал на потпишувањето на потенцијалниот договор меѓу САД и Иран.
Воените летови беа поврзани со потенцијалната церемонија на потпишување што би можела да се одржи во наредните денови доколку успеат тековните напори за финализирање на договорот, пренесува новинската веб-страница „Аксиос“.
САД и Иран оваа недела извршија нови воздушни и ракетни напади во време на кревкиот прекин на огнот постигнат со посредство на Пакистан на 8 април.