Иранските медиуми денес ги објавија деталите од нацрт-меморандумот за разбирање од 14 точки меѓу Техеран и Вашингтон, откривајќи значајни разлики од деталите што претходно ги објави „Аксиос“ во однос на ублажувањето на санкциите, замрзнатите ирански средства, обврските за обнова и опсегот на идните преговори, пренесува Анадолу.
Според агенцијата „Мехр“, нацртот содржи 14 точки и сè уште е предмет на конечна ревизија и одобрување од страна на релевантните ирански власти.
Верзиите на двата медиума споделуваат неколку клучни елементи, но се појавуваат значителни разлики во начинот на кој тие цели би се спровеле.
Според „Аксиос“, предвидено е продолжување на сегашниот прекин на огнот за уште 60 дена, што би го опфатило и Либан, додека во меѓувреме траат преговорите за нуклеарната програма.
Нацртот објавен од „Мехр“, наместо тоа, повикува на „итен и траен“ прекин на непријателствата на сите фронтови, вклучително и во Либан, по што би следувале 60 дена преговори за конечен нуклеарен договор.
Двете верзии се разликуваат и во однос на повторното отворање на Ормускиот Теснец. Имено, „Аксиос“ објави дека е предвидено итно отворање на овој стратегиски воден пат, без наплата на такси и со целосно враќање на редовниот сообраќај. Наспроти ова, иранските медиуми предвидуваат отворање на Теснецот во рок од 30 дена и тоа во соработка со Техеран.
Олеснувањето на санкциите претставува уште една голема точка на разидување.
Според „Аксиос“, ублажувањето на американските санкции би било поврзано со иранското почитување на договорот.
Нацртот објавен од „Мехр“ оди значително подалеку, повикувајќи на суспензија на санкциите за иранската нафта, петрохемиските производи и дериватите, целосен пристап до финансиските ресурси на Иран и евентуално укинување на сите примарни и секундарни санкции на САД, како и на поврзаните мерки наметнати преку Советот за безбедност на ОН и Одборот на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Известувањата на двата медиума комплетно се разликуваат и околу прашањето за замрзнатите ирански средства во странство.
„Аксиос“ објави дека Иран би можел да добие пристап „до дел“ од замрзнатите средства за хуманитарни набавки преку механизам договорен со Катар.
Наспроти тоа, нацртот објавен од „Мехр“ повикува на ослободување на 24 милијарди долари замрзнати ирански средства за време на 60-дневниот период на преговарање, при што половина од средствата би биле ставени на располагање пред почетокот на конечните преговори.
Друга голема разлика во двете верзии се забележува и во обновата и повоените гаранции.
Додека „Аксиос“ не споменува помош за обнова, нацртот објавен од „Мехр“ наведува дека од САД и нивните сојузници ќе се бара да претстават планови за обнова на Иран вредни најмалку 300 милијарди долари.
Нацртот пренесен од иранските медиуми вклучува и неколку одредби кои не се споменати во наводите на „Аксиос“, вклучително и обврска на САД да не се мешаат во внатрешните работи на Иран, почитување на иранскиот суверенитет и повлекување на американските сили од областите околу Иран.
Тој исто така вклучува и ветување од САД дека нема да го зголемуваат военото присуство во регионот и дека нема да наметнуваат нови санкции за време на преговорите.
Во врска со нуклеарното прашање, двете верзии до одреден степен се преклопуваат.
„Аксиос“ објави рамка за решавање на прашањето со иранските залихи на збогатен ураниум, при што натамошните нуклеарни мерки би зависеле од последователен договор.
Нацртот објавен од „Мехр“ наведува дека Иран повторно ќе ја потврди својата посветеност на Договорот за неширење на нуклеарното оружје дека нема да произведува нуклеарно оружје.
Можеби најзначајната разлика се однесува на опсегот на идните преговори.
Според нацртот што го објави „Мехр“, конечниот договор би бил строго ограничен само на прашањата за залихите на збогатен ураниум, активностите за негово збогатување, укинувањето на санкциите и програмата за економска обнова на Иран. Од преговорите децидно се исклучени какви било разговори за иранската ракетна програма, како и за поддршката што Техеран им ја дава на „групите на отпорот“.
Нацртот понатаму наведува дека секој конечен договор би бил поддржан со резолуција на Советот за безбедност на ОН и дека би се воспоставил мониторинг-механизам за надзор на имплементацијата — одредби кои не се споменати во наводите на „Аксиос“.
„Мехр“ забележа дека текстот сè уште бара преглед и одобрување од релевантните власти на Иран пред да може официјално да биде усвоен.
„Договор за траен прекин на американско-израелската војна против Иран би можел да биде потпишан уште овој викенд“, изјави вчера претседателот Трамп.
Иран вчера соопшти дека „главниот дел“ од текстот на договорот со САД е финализиран, додека воедно го обвини Вашингтон за поткопување на напредокот преку менување на позициите.
Американските сили вчера, втор ден по ред, извршија напади врз повеќе цели во Иран, по соборувањето на хеликоптер „Апачи“ над Ормускиот Теснец.
Корпусот на Исламската револуционерна гарда на Иран (ИРГЦ) во меѓувреме соопшти дека 18 големи американски воени цели биле погодени во воздушните бази „Али ал Салем“ и „Ахмад ал Џабер“ во Кувајт, воздушната база „Шеик Иса“ во Бахреин, како и во база во Јордан во која се сместени американски борбени авиони.
Најновите случувања ги зголемија регионалните тензии по американските напади врз јужен Иран и последователната објава на Техеран дека го затвора Ормускиот Теснец за поморски сообраќај.