Lina Altawell
19 Јуни 2026•Ажурирано: 19 Јуни 2026
Во израелските бомбардирања и артилериски напади врз градот Набатије и околните градови во јужен Либан загинаа најмалку 16 лица, а неколкумина се ранети утринава, јави либанската Национална новинска агенција (ННА), пренесува Анадолу.
И покрај стапувањето во сила на американско-иранскиот договор кој предвидува и крај на израелските напади врз Либан, израелските воздушни напади по полноќ беа насочени кон населени куќи во градовите Ал-Шаркија, Харуф и Кфар Сир во областа Набатије, предизвикувајќи голем број жртви, додека некои лица се водат како исчезнати, пренесува агенцијата.
Околу 2:10 часот по локално време, израелските воени авиони извршија серија напади врз градот Набатије, Кфар Тебнит, Набатије ал-Фавка и висорамнините Рајхан, соопшти агенцијата.
Околу 3:00 часот, во воздушни напади беа погодени областа Кфарџоз-Набатије, универзитетскиот кварт во Набатије и квартот Ал-Бајдар во Харуф, при што загинаа осум лица, според ННА.
Агенцијата пренесува дека при уште еден напад, чија цел била областа Ал-Ашамија меѓу Ал-Шаркија и Дуеир, целосно е уништена една куќа, а четири лица го загубиле животот.
Според наводите, во Кфар Сир, во израелски напад загинаа три лица.
Според информациите на агенцијата, околу 5:00 часот наутро израелско беспилотно летало погодило мотоцикл во близина на општинската зграда во Дуеир, при што едно лице загинало, а уште едно е рането.
Американскиот претседател Доналд Трамп и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во средата вечер електронски го потпишаа Меморандумот за разбирање од Исламабад, кој има за цел да ѝ стави крај на војната што САД и Израел ја започнаа против Иран на 28 февруари, како и да ги запре израелските напади врз Либан.
Според Меморандумот, Вашингтон и Техеран треба да одржат преговори во траење од 60 дена, со можност за продолжување, со цел да се постигне конечен договор кој ќе ја опфати иранската нуклеарна програма и меѓународните санкции.
Израел продолжува да окупира области во јужен Либан, некои со децении, а други од почетокот на последниот конфликт меѓу двете страни. За време на последната воена кампања, израелските сили напредуваа повеќе од 10 километри во внатрешноста на либанската територија.