Fatih Hafız Mehmet
23 Септември 2019•Ажурирај: 24 Септември 2019
БЕРЛИН/АНКАРА (АА) - Премиерот на Чешката Република, Андреј Бабиш, истакна дека треба да се разговара со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, за да се реализира враќање на бегалците од Турција и Европа во нивните домови, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во интервју за германскиот весник „Ди велт“ (Die Welt), Бабиш вели дека Европа е во солидарност во врска со нерегуларната миграција.
„На луѓето им е потребна поддршка во нивните матични земји за да не заминуваат“, рече Бабиш.
Тој истакнува дека целта треба да биде враќање на бегалците од Турција и Европа во нивните домови.
„За да го постигнеме ова, треба да разговараме со претседателот Ердоган. Тој има конкретни планови како да им помогне на бегалците“, истакна тој.
Портпаролката на Европската комисија, Наташа Бертуд, на денешната прес-конференција во Брисел истакна дека во изминатите недели регистрирани се голем број пристигнувања на бегалци на грчкиот остров Лезбос.
„И покрај пристигнувањето на бегалците во текот на летото, сепак има намалување од 91 отсто во однос на периодот пред склучување на Договорот меѓу ЕУ и Турција во 2016 година“, рече Бертуд.
Договорот за бегалците меѓу Турција и ЕУ, постигнат во 2016 година, има за цел да ја спречи нерегуларната миграција преку Егејското Море со преземање строги мерки против криумчарење луѓе и со подобрување на условите за 3-те милиони, сега 3,6 милиони, сириски бегалци во Турција.
Турција реагираше на тоа што ЕУ не успеа да ја одржи својата страна од договорот, како и доставувањето на милијарди евра помош за сириските бегалци.
На 6 септември турскиот претседател Ердоган предупреди дека Турција може да ги отвори вратите и да ги пушти сириските бегалци во Европа, доколку Анкара не ја добие очекуваната помош.
ЕУ вети дека ќе даде 6 милијарди евра помош за подобрување на животните услови на сириските бегалци во Турција, но до јуни годинава Турција доби само 2,22 милијарди евра помош.
Турција моментално згрижува 3,6 милиони сириски бегалци, најмногу од која било друга земја во светот.