Şeyma Erkul Dayanç
29 Јуни 2026•Ажурирано: 29 Јуни 2026
Француската Влада се соочува со остри критики од опозициските партии во врска со нејзиното справување со неодамнешниот топлотен бран, како и за нејзините пошироки климатски политики, пренесува денес „Ле Монд“, пренесува Анадолу.
Премиерот Себастиен Лекорну денес треба да претседава со четвртиот меѓуминистерски кризен состанок, со цел да се направи евалуација на владиниот одговор во однос на рекордниот топлотен бран што погоди голем дел од земјата.
Состанокот следува откако „Санте паблик Франс“ објави прелиминарна процена според која од 24 јуни наваму се регистрирани околу 1.000 смртни случаи повеќе од сезонскиот просек.
По објавувањето на овие бројки, опозициските политичари веднаш го доведоа под знак прашање владиниот одговор.
Марин Тонделие, лидерка на Партијата на зелените, побара политичка одговорност, додека Жан-Филип Танги како претставник на партијата „Национален собир“ изјави дека голем дел од смртните случаи можеле да бидат спречени.
Министерот за внатрешни работи Лоран Нунез застана во одбрана на начинот на кој Владата се справи со топлотниот бран.
Претседателот Емануел Макрон, исто така, застана во одбрана на владините резултати во однос на климатската политика, нагласувајќи дека Франција реализирала „огромен обем на активности“ со цел кратење на емисиите на јаглерод и приспособување на јавната инфраструктура кон климатските промени, притоа признавајќи дека „овој процес сè уште не е завршен“.
По ескалацијата на топлотниот бран, Владата во саботата одобри итна набавка на 30.000 клима-уреди за потребите на болниците.
Откако температурите во Франција достигнаа рекордни нивоа, Владата го активираше националниот план за вонредни состојби, а оперативното управување на терен им го делегираше на регионалните власти преку префектурите.