Ekipa
25 Јануари 2022•Ажурирај: 26 Јануари 2022
ПАРИЗ (АА) - Франција ќе биде домаќин на состанок на високо ниво за да ѝ предложи на Русија патоказ за деескалација во услови на зголемена глобална загриженост поради насочениот интерес на Москва кон Украина, објави Кабинетот на претседателот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Емануел Макрон изрази „длабока загриженост за ситуацијата на границите на Украина“ и ја нагласи потребата да се работи колективно за брза деескалација, се вели во соопштението на Елисејската палата по мултилатералниот состанок за украинската криза со американскиот претседател Џо Бајден и земјите членки на Европската Унија и НАТО.
Макрон, кој ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин и со украинскиот претседател, Владимир Зеленски, „останува решен да ги искористи сите ресурси на дипломатијата за да ја зачува стабилноста на Европа и да ја покаже својата солидарност и подготвеност да ги поддржи засегнатите држави на Европската Унија за нивната безбедност“, се вели во соопштението.
Франција, која ја поддржува Украина поради стравувањата од натамошна инвазија откако Русија почна да собира војници и воена опрема на нејзината граница, утре ќе биде домаќин на дијалог во кој ќе учествуваат дипломатски советници од Франција, Германија, Русија и Украина во форматот Нормандија.
Дијалогот ќе има за цел да ја поттикне Москва целосно да ги спроведе мировните договори од Минск од 2015 година со повлекување на поддршката за бунтовниците кои се борат против украинските владини трупи во Донбас.
Киев и Москва се во конфликт од избувнувањето на воените судири во источна Украина во 2014 година, откако руските сили го нападнаа регионот Донбас и го анектираа полуостровот Крим.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан, исто така, нагласи дека Европа е цврста во својата решеност да дејствува против Русија.
„ЕУ има волја да ги искористи санкциите како средство за одвраќање во однос на Русија со цел да спречи каков било упад или офанзива, воена или друга, против Украина“, изјави тој за медиумите по состанокот на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ.